Здравје

Можно ли е да е толку едноставно – солта да го убива ракот?

Иако научниците постојано бараат нови начини за борба против ракот, се чини дека сѐ уште има простор за истражувања. Така, една нова студија, спроведена кај експериментални глувци, се фокусира на – солта. Истражувачите успешно користеле наночестички од натриум хлорид, за да уништат клетки на ракот, пишува порталот Medical News Today.

Како што е познато, натриум хлоридот е неопходен за живот, но на погрешно место, тој може да предизвика смрт на клетките. За да го контролираат ова, јонските канали на клеточните мембрани спречуваат влез на солта. Клучно за одржување на доброто здравје е одржувањето на правилната рамнотежа помеѓу солта надвор од клетките и калиумот во нив.

Авторите на новата студија, објавени во списанието Advanced Material, ја тестирале својата теорија дека наночестичките од натриум хлорид (SCNP ) можат да се искористат како „Тројански коњ“ за испорака на јони во клетките и за нарушување на јонската хомеостаза.  SCNP содржат милиони атоми на натриум и хлор, но јонските канали одговорни за одбрана од солта не ги препознаваат во оваа форма. Како резултат на тоа, SCNP слободно влегуваат во клетката и штом еднаш се растворат, ослободуваат јони натриум и хлор, кои остануваат заробени во клетката. Овие јони ја нарушуваат клеточната „машинерија“ и ја пробиваат клеточната мембрана. Бидејќи клеточната мембрана се отвора, атомите на натриум и хлор се ослободуваат. Тоа, пак, предизвикува имунолошки одговор.

Користејќи експериментални глувци, научниците инјектирале SCNPs во тумори и го утврдиле нивниот раст. Тие го споредиле растот на овие тумори со оние на глувци во контролна група кои примиле иста количина натриум хлорид во раствор, а не како наночестички. Тимот открил дека SCNP го потиснува растот на туморот за 66 отсто повеќе во споредба со контролната група. Уште поважно, нема знаци дека SCNP предизвикале оштетување на органите на глувците.

Не само што оваа метода се чини безбедна, туку и клетките на ракот изгледа се поподложни на SCNP отколку здравите клетки.

Во вториот дел од студијата, научниците ги испитале ефектите на клетките на ракот кои веќе биле убиени од страна на SCNP. Тие ги инјектирале овие клетки во глувци и откриле дека животните се поотпорни на развој на нов карцином. Со други зборови, клетките делувале како вакцина.

На сличен начин, научниците спровеле понатамошни студии во изолирано туморско ткиво. Тие инјектирале SCNP во примарни тумори и ги мереле стапките на раст на секундарните тумори. Тимот открил дека секундарните тумори пораснале значително побавно од контролните секундарни тумори, чии примарни тумори не биле инјектирани со SCNP.

Авторите на студијата веруваат дека третманот со наночестички на сол во иднина ќе помогне во лекувањето на ракот на мочниот меур, на простатата, на црниот дроб и на главата и вратот. Но, како што обично предупредуваат медицинарите, од лекувањето експериментални глувци до лекувањето луѓе минуваат долги години.

Фотографија: pixabay.com

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Ако до петата година детето јаде премногу глутен, има поголем ризик од оваа болест

saso user

Ракот на дебелото црево напаѓа млади пациенти и е шеста причина за смрт во Македонија

saso user

Кафе напладне, наместо наутро?

saso user