Македонија Топ вести

Партнерите повторно во клинч: Немало договор СДСМ – ДУИ за „бришење“ на лустрацијата

Досегашните коалициски партнери во владата СДСМ и ДУИ не постигнале договор за предлог-законот за поништување на лустрацијата, кој вчера од старт беше блокиран во собраниската Комисија за политички систем.

Според пратеникот на ДУИ Реџаил Исмаили, отсуството на договор меѓу партнерите во Владата е причината поради која тој не присуствуваше на вчерашната комисиска седница, која воопшто не почна, поради тоа што не беше обезбеден кворум за работа.

-Немаше договор за тоа прашање. Не може да се стави на дневен ред на седница нешто за што нема договор меѓу партиите во парламентот – изјави Исмаили за Плусинфо, објаснувајќи ги причините за неговото отсуство на седницата на матичната Комисија.

Покрај Исмаили, кворумот на комисиската седница го оневозможија и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои пред салата чекаа да дојде министерката за правда Рената Тренеска Дескоска. Од опозициската партија најавија дека ќе го блокираат донесувањето на законот со кој се поништува лустрацијата, кој сега е во прва фаза од собраниската процедура.

Ако воопшто почне расправата за овој закон во матичната Комисија и ако тој дојде во второ читање, за што одлука би требало да донесе сегашната техничка влада, тогаш останува отворена можноста ВМРО-ДПМНЕ да го блокира неговото донесување преку поднесување куп амандмани. Таков беше случај и со Изборниот законик и Законот за јавнообвинителска служба, со кој беше планирано да им се реши статусот на вработените во СЈО.

Предлог-законот за поништување на лустрацијата го донесе политичката Влада на Зоран Заев, на една од последните седници пред изборот на техничката Влада. Со ова решение, како што се наведува, треба да се прогласат за ништовни решенијата за лустрација што ги донесе некогашната Комисија за верификација на факти. Лустрацијата, која почна пред повеќе од една деценија, предизвика најголеми политички турбуленции по 2012 година, кога тогашните партнери во владејачката коалиција – ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ донесоа нов Закон за лустрација, со кој се прошири и опфатот на лицата и периодот на кој се однесуваше овој процес на расчистување со комунистичкото минато.

Во Собранието сè уште се преведуваат амандманите на ДУИ на Изборниот законик

Сличен курцшлус меѓу СДСМ и ДУИ се случи и минатиот месец, кога партијата на Али Ахмети ги затрупа со амандмани двата предлога за измена на Изборниот законик, поднесени од помалите владејачки партии во Собранието. За разлика од СДСМ која даваше поддршка за овие предлози, ДУИ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ (која исто така поднесе стотици амандмани) застанаа на иста линија контра предлозите за воведување една изборна единица за парламентарни избори и отворени листи на изборите за општински советници.

Според последните информации од собраниската Комисија за политички систем, вкупната бројка на поднесени амандмани за двата предлози за промена на Изборниот законик е 5.899. Иако помина речиси еден месец, повеќе од половина од поднесените амандмани не се преведени сè уште. Досега, според информациите, од албански на македонски или обратно се преведени 2.165 амандмани.

Бројноста на поднесените амандмани и темпото со кое тие се процесуираат низ собраниските служби е показател дека е речиси невозможно предлог-измените на Изборниот законик да дојадат до фаза на донесување во овој собраниски состав, кој се распушта на 12 февруари. Слична „судбина“ според проценкиите, најверојатно ќе има и законот за поништување на лустрацијата, но и законот со кој треба да се уреди статусот на службениците во СЈО. За предлог-измените на Законот за јавнообвинителска служба, кој беше предложен од пратеници од СДСМ, се поднесени вкупно 4.161 амандмани – во најголем дел од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Ниту еден од поднесените амандмани за ова законско решение не е преведен досега.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Алкалоид АД Скопје со дополнително вложување во Република Србија

saso user

Германскиот амбасадор: Треба да добиете датум за преговори

saso user

Заев за Груевски: Мора да дојде, нека дојде, треба помош во државата

saso user