Бизнис

Синдикати: Тоа што е добро за „канцелариската буржоазија“ не е добро за работниците

Сѐ уште се подготвуваат законските измени со кои треба да се укине можноста за продолжување на договорите за вработување по исполнување на условите за пензионирање од 62 односно 64 години старост иницијатива на група пратеници.

Синдикатите ѝ даваат поддршка на иницијативата со образложение дека работниците во индустријата и градежништвото тешко го достигнуваат и овој праг. Работодавачите, пак, се да остане можноста за продолжување на стажот, но тоа да биде работа на договор меѓу работниците и работодавачите.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески кој е дел од иницијаторите на законските измени вели дека пратениците не се откажале од иницијативата иако требаше да ги подготват измените на Законот за работни односи до крајот на ноември.

– Сѐ уште не е готов текстот на законските измени. Се работи – вели Митрески.

Измените на членот 104 од Законот за работни односи (член 104) требаше да се најдат на седница на собранието на крајот на минатиот месец или на почетокот на овој, но тогаш пратениците рекоа дека се пред дилема како да го решат прашањето со кадарот кој нема замена и е неопходен во одделни ресори како здравството, образованието… Дилемата, како што рекоа е дали тоа да се направи со посебни акти, или со законите со кои се регулира соодветната област.

Синдикатите ја поддржуваат иницијативата бидејќи, како што велат, најголемиот дел од работниците во индустријата и градежништвото тешко ги издржуваат и законските 62 и 64 години на работните места каде што имаат тешки услови за работа.

– Досегашното законско решение беше наменето за „канцелариската буржоазија“, не за работниците. Нашите податоци говорат дека никој од работниците не го користи правото да продолжи со работа по 62 или 64 години старост. Работниците повеќе би сакале да можат предверемено да се пензионираат бидејќи работат на тешки работни места и кога веќе не се во состојба квалитетно да ја извршуваат работата се обидуваат да издејствуваат преку технолошки вишок да ја дочекаат пензијата. Затоа нашиот став е да се укине можноста за продолжен работен стаж – вели Маре Анчева од Синдикатот на индустријата и енергетиката.

Според претседателот на Конфедерацијата на слободните синдикати, Благоја Ралповски, итно треба да се укине сегашната можност за продолжување на договорите за работа по 62, 64 години и да не се дозволува зголемување на возрасната граница за пензионирање.

– Сегашното решение во законот кое дава можност за работа до 67 години, може да ја поттикне власта да помисли дека сите работници можат да работат до толку години и да посегне да го зголеми условот за пензионирање, што е барање на меѓународните институции и е практика во други држави. Но, нашите работници со условите што ги имаат на работните места, посебно во индустријата и градежништвото не можат да работат и до сегашната граница од 62 и 64 години. Дополнително и животниот век кај нас е понизок од земјите во кои се воведува границата за пензионирање од 67 години – вели Ралповски.

Според нето, ако работниците и работодавачите сакаат да ја продолжат соработката и по 64, односно 62 години имаат можност тоа да го направат и со договор за дело што е законски исправно.

Работодавачите, пак, се со став дека сегашното решение треба да остане како законска можност но при донесувањето на одлуката за продолжување на договорот еднакво да решаваат и работодавачите.

– Како можност која им се дава и на работниците и на работодавачите ова решение треба да остане. Но треба да се овозможи договорот да го прават работодавачите и работниците. Ако се согласни за тоа тогаш при потпишувањето на договорот тие ќе ги утврдат и другите спорни прашања. На пример, дали работникот ќе остане на истото работно место или на друго и слично – вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Маск за првпат се најде меѓу петте најбогати луѓе во светот

saso user

Успешно заврши Летната балетска школа на ,,Еуролинк осигурување’’

saso user

Филиповска-Грашкоска: Ќе нема разбирање, инспекторите ќе постапуваат драстично при прекршување на протоколите

saso user