Бизнис

Заев: За инвеститорите во индустриските зони обезбедуваме светски инфраструктурни стандарди

Нашата цел е да обезбедиме светски инфраструктурни стандарди во индустриски зони за инвеститорите кои одлучиле да инвестираат во нашата земја и ќе продолжиме во таа насока – рече денеска претседателот на Владата, Зоран Заев, по увидот на градежни работи на новата клучка кај ТИРЗ Прилеп, заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Дирекцијата за трговско-индустриски зони (ДТИРЗ) Александар Младеновски.

– Со пуштањето во функција на водоводот и клучката за поврзување на ТИРЗ Прилеп зоната станува целосно функционална од аспект на големите инфраструктурни зафати. Инфраструктурните патни и други пристапни решенија се исклучително важни и за поттикнување на соработката и за поврзувањето на локалните компании со мултинационалните компании кои имаат инвестирано во ТИРЗ Прилеп – истакна премиерот Заев.

Тој додаде дека покрај создавање на директни вработувања, компаниите во зоните го стимулираат локалниот економски развој во поширока смисла.

– Странските инвестиции отворија бројни можности за вработување на граѓаните, а на локалните компании им дадоа можност да станат нивни добавувачи и да станат дел од синџирот на снабдување. На овој начин расте стандардот на граѓаните и се отвораат се поголем број на работни места – потенцираше Заев.

Министерот Сугарески истакна дека македонската Влада е силно посветена во капитални вложувања во изминативе 3 години и дека за овој кус период е направено она што не е направено изминатите повеќе од 10 години.

– Градежништвото е двигател на македонската економија. Конкретно во Прилепскиот и битолскиот регион инвестициите во патна инфраструктура, гасификација, регионални поврзувања како и градењето на современиот ИКТ центар се близу 50 милиони евра – нагласи Сугарески.

Директорот на ДТИРЗ, Младеновски рече дека градбата на масивниот инфраструктурен проект за ТИРЗ Прилеп е од витално значење и им овозможува на инвестициите кои веќе работат во полн капацитет, а и на сите нови компании кои ќе работат во оваа зона, брз, ефикасен и стабилен транспорт и поврзување со сите главни коридори за извоз.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Повратот на персоналецот за земјоделците почнува од утре

saso user

Трошоците за живот пораснале во август

saso user

Манчевски на конференција ITU Телеком ги промовира условите за влез на трет мобилен оператор

saso user