Култура

„Мистична деветка“ со виолинстката Фросина Богданоска

„Мистична деветка“ е насловен концертот кој оркестарот на Филхармонија ќе го одржи во четврток, на петти декември. На програмата се дела од двајца руски гиганти – Сергеј Прокофјев и Дмитри Шостакович. Публиката ќе има можност да ја чуе македонската виолинистика Фросина Богданоска во изведба на Концертот за виолина и оркестар бр.1 од Сергеј Прокофјев. На програмата е и Деветтата симфонија од Дмитри Шостакович.

Уште од Бетовен, секој композитор кога ја пишувал деветтата симфонија се соочувал со притисокот од јавноста. Шостакович се соочил со драматичен притисок, бидејќи јавноста од него очекувала оваа симфонија по претходните две кои го отсликувале страдањето да биде епска и со триумфални пропорции.

„Сакаа да напишам ода, маѓична деветта симфонија. Не сакав да напишам ода за Сталин, ниту пак да биде врзана со проблемите со кои сѐ уште се соочуваше народот. Затоа избрав трета опција“, напиша Шостакович за оваа симфонија.

Тој создаде целосно апстракно музичко дело, чисто и перфектно, речиси во неокласичен стил. Се одлучи да напише симфонија која ќе биде доволно апстракна за Сталин да не може да ја разбере и критикува. Сепак Сталин бил разочаран кога ја слушнал. Очекувал симфонијата да биде грандиозна со хор, солисти, со директна посвета. По премиерната изведба критичарите биле остри кон Шостакович – еден од рецензентите напишал дека симфонијата звучи како „стар Хајдн и искарикиран Чарли Чаплин“.

Без оглед на првичните реакции по премиерата на оваа симфонија, таа во себе ја носи елементарната музичка суштина типична за творештвото на Шостакович и претставува автентично симфониско ремек дело кое редовно се изведува светската музичка сцена.

Во Концертот за виолина и оркестар број 1, Сергеј Прокофјев музички пресликал две дијаметрално спротивни емоции – лирска и саркастична. Станува збор за генијално солистичко ремек дело, но и возбудлива оркестарска приказна во која Прокофјев го потенцира својот индивидуален творечки сензибилитет.

Фросина Богданоска,  дипломски и постдипломски студии завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје со највисока оцена CUM LAUDE, во класата на проф. Љубиша Кировски. Во 2010 добива стипендија и понуда за постдипломски студии на Кралската академија во Лондон, а во 2012 запишува специјализација на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, во класата на проф. Антон Сороков. До неодамна беше член на Симфонискиот оркестар на Австриското радио РСО ОРФ Виена и соработник со Виенскиот симфониски оркестар – Wiener Symphoniker, а сега е член на Каринтискиот оркестар на Театарот во Клагенфурт, каде што оваа сезона служи како водач на први виолини. Свири на виолина изработена од нејзиниот татко Светозар Богданоски.

Концертот „Мистична деветка“ ќе го води харизматичниот холандски диргент Конрад ван Алфен. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигна нивото на овој оркестар и тој стана интернационално признат и беше домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Во моментов е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“ во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостин-диригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Изложба на студентите од ФОН утре во МКЦ

saso user

Концертот на финскиот пијанист Мустонен e одложен во 21 часот

saso user

„Животот е прекрасен“ за Светскиот ден на театарот

saso user