Македонија Топ вести

Александрова: Нема недоразбирање со Канческа Милеска, пратеничката група функционира беспрекорно

Независната седумка од ВМРО-ДПМНЕ функционира беспрекорно и богатство за пратеничката група е секој да може јавно да го каже својот став. Ова во изјава за Плусинфо го тврди координаторката Емилија Александрова откако вчера по пресконференцијата на која побараа оставка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и го обвинија за лицемерие за предлогот за ратификацијата на протоколот за НАТО со одложено дејство, нивната колешка Елизабета Канческа Милевска излезе со контра став дека не го осудува потегот на Мицкоски. Дека прес конференцијата и барањето оставка од Мицкоски биле договорени ни потврдија и Нола Исмајлоска Старова и Љубен Арнаудов.

Александрова ни изјави дека синоќа разговарала со Канческа Милевска и дека во пратеничката група нема никакви несогласувања.

– Се слушнавме синоќа со колешката Канческа Милевска. Тоа е нејзино лично мислење. Во нашата пратеничка група е дозволено секој да може да си го каже своето мислење, без никакви последици. Сѐ е во ред. Пратеничката група функционира беспрекорно, впрочем во тоа е убавината на демократијата – ни изјави Александрова.

Таа вели дека прес конференцијата била договорена во неделата вечерта и дека сите седум пратеници биле запознаени со содржината и барањето оставка од Мицкоски, за како што повтори, лицемерието на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да бара пратениците да поднесат предлог за ратификација на протоколот за НАТО со одложено дејство, нив ги ставил на столбот на страмот кога се гласале уставните измени за името, а сега, од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои тогаш ги ставил да стојат до ѕидот бара да гласаат за НАТО.

Александрова вели дека за прес конференцијата се консултирала и со Зеќир Рамчиловиќ кој неодамна ја напушти нивната пратеничка група. Рамчиловиќ ни потврди дека имал комуникација со Независните од ВМРО-ДПМНЕ, но не сакаше да коментира бидејќи сега настапува како независен пратеник.

Дека имало договор за прес конференцијата ни потврди и Исмајлоска Старова. Според неа, пратеничката група веднаш по најавата на Мицкоски за предлогот се консултирала за прес конференцијата и барањето оставка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

И Арнаудов потврди дека бил консултиран, иако вели вчера не присуствувал на прес конференцијата поради здравствени причини.

И покрај обидите не успеавме да ја стапиме во контакт со Канческа Милевска.

Таа вчера за „Вечер“ изјави дека ниту е запознаена, ниту е консултирана за пресот на колешката Александрова.

– Јас денеска не бев во Собрание, бидејќи имав некои други обврски. Секој може да доставува предлози и иницијативи до Собранието, секој може да има различен став и мислење по одредени прашања, и кога ќе ја видам таа иницијатива тогаш и би се произнела. Не сметам дека предлогот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за ратификација за членството во НАТО е за осуда, напротив тоа е само чекор поблиску до остварување на таа цел. Немам зошто да барам оставка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, тој на конгрес е легитимно избран претседател на ВМРО-ДПМНЕ, и многу е јасно кој му ја дава и кој му ја одзема довербата –изјави вчера Канческа Милевска.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

СДСМ: Транзициската министерка и профитерка Сиљановска и пионот Мицковски не се нов ков на политичари туку наследници на црнилата на Груевски

saso user

Зад „бомбашот“ Ел Чека се крие 28-годишен кичеец од селото Туин

saso user

Ангел Димитров: Нема договор за Гоце Делчев

saso user