Бизнис

Ангеловска за Буџет 2020: Сакаме квалитетни идни генерации, лекарите да не се иселуваат

Со буџетот за 2020 година ќе инвестираме во подобро здравство, подобро образование, подобра социјална грижа и воопшто подобри услови за живот на сите граѓани. Сакаме најдобрите лекари да бидат во јавното здравство, сакаме квалитетни идни генерации, а за тоа е предуслов квалитетното образование, сакаме да обезбедиме грижа за сите генерации, од најмладите до највозрасните. Ова го истакна министерката за финансии Нина Ангеловска, на почетокот на расправата за Предлог-буџетот 2020 на собраниската комисија за финансирање и буџет.

– Овој буџет е фокусиран на инвестициите во човечкиот капитал затоа што како земја, сме исправени пред најголемиот предизвик: како да ги задржиме нашите граѓани во земјата, како да им понудиме подобри услови за живот и како да придонесеме да бидат посреќни и помотивирани на нивните работни места? Ние имаме квалитетни лекари, одлични експерти во својата област, и треба да ги задржиме во земјава да бидат дел од јавното здравство. За да мотивираме дел од квалитетните студенти да работат во просветата, треба да им понудиме пристојни плати. Сакаме да обезбедиме грижа за сите генерации, од најмладите до највозрасните. Сакаме да нема деца надвор од системот на згрижување. Сакаме подобрениот животен стандард да го почувствуваат сите – рече министерката Ангеловска.

Ангеловска додаде дека индексот на човечки капитал во нашата земја изнесува 0,53.

– Тоа значи дека денешните деца кога ќе пораснат, ќе користат само 53 отсто од својот потенцијал, согласно со условите кои што им се обезбедуваат. Инвестициите во столбовите на човечкиот капитал не само што се оправдани, туку се и неопходни. За таа намена во Предлог буџетот за 2020 година се издвоени 154 милијарди денари за функциите на здравството, образованието и социјалната заштита – рече Ангеловска.

Според неа, предлог буџетот за 2020 година, е реален, ги лоцира приоритетите и ги алоцира парите на граѓаните онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.

Буџетот за наредната година ќе изнесува 3,615 милијарди евра. Капиталните инвестиции се проектирани на ниво од 23 милијарди денари, а 56 отсто од вкупните буџетски расходи се за области врз кои се потпира човечкиот капитал. Буџетските проекции се врз основа на предвиден раст за следната година од 3,8 отсто од БДП и дефицит од 2,3 отсто.

Таа потенцираше дека проектираниот економски раст за следната година од 3,8 проценти, е согласно со очекувањата за движењето на домашната побарувачка, како и предвидувањата за меѓународното економско окружување, како и дека е на линија со најновите проекции на ММФ и на Народната банка. Тоа е уште еден доказ дека во Буџетот тргнуваме од реални претпоставки како најсоодветен инпут за реални фискални проекции и одговорна фискална политика, нагласи Ангеловска.

Во домашната економија се очекува да продолжи силниот позитивен ефект на приватниот сектор, при дополнителен позитивен ефект од владините политики и мерки.

Растот на приватната потрошувачка е проектиран на 3,3 отсто, придвижена од очекуваното зголемување на доходот на домаќинствата, што е одраз на предвидениот раст на платите и вработеноста во економијата, поттикнат од владините мерки за зголемување на нивото на платите, мерките за намалување на невработеноста, како и активација и зајакнување на социјалната заштита на ранливите категории на население. Проекцијата за раст на јавната потрошувачка за следната година изнесува два процента.

Бруто-инвестициите во 2020 година е предвидено да се зголемат за осум проценти на реална основа. Позитивен придонес врз растот на инвестициите се очекува да имаат планираните инвестиции на јавниот сектор, посебно тие во патната инфраструктура, странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони, како и постојаната поддршка на инвестициската активност на домашните и странските претпријатија, поддршката на иновативната дејност и технолошкиот развој.

Растот на извозот се очекува да продолжи во 2020 година, но со нешто послаба динамика во однос на 2019 година. Проекцијата за реалниот раст на извозот на стоки и услуги изнесува 8,3 проценти придвижен од извозот на новите индустриски капацитети ориентирани кон извоз, поддржан и од мерките за поттикнување на извозот и освојувањето на нови пазари. Проектираниот раст на домашната побарувачка и извозната активност условуваат пораст на увозот на стоки и услуги, којшто во 2020 година се очекува да изнесува 8,7 проценти.

Според Предлог буџетот, стапката на инфлација во 2020 година се очекува да остане ниска, односно 1,7 проценти, проекцијата за раст на бројот на вработени изнесува 2,1 процент, а на просечната нето-плата 6,3 проценти на номинална основа. Дефицитот на тековната сметка на платниот биланс се очекува да остане низок во износ од 1,2 процента од БДП.

Вкупните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година се планираат на ниво од 222,3 милијарди денари, а расходите 239,7 милијарди денари. Планираните приходи и расходи резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,3 проценти од БДП или 17.385 милиони денари во апсолутен износ.

Даночните приходи за 2020 година се планирани во износ од 130,1 милијарди денари. Најголемо учество во даночните приходи има данокот на додадена вредност и тоа 42,8 проценти, додека на акцизите отпаѓаат 22,2 процента. За социјални придонеси се одвојуваат 67 милијарди денари.

Според Ангеловска, планираните вкупните расходи се во функција на редовно и навремено исполнување на сите законски обврски, како и за поддршка на домашната економија, силна поддршка на приватниот сектор и граѓаните, инвестиции во човечките потенцијали, забрзана реализација на инфраструктурните проекти, поттикнуваање странски инвестиции и иновативност на домашните компании, поддршка на политиките за пораст на економијата и на животниот стандард на населението, за обврските од членството во НАТО, за која намена е обезбеден досега највисокиот буџет од 10 милијарди денари за Министерството за одбрана, а обебзедени се пари и за парламентарни избори во 2020 година.

Во Буџетот за следната година за исплата на плати ќе се потрошат 30,6 милијарди денари, а во тие средства е планиран ефектот од веќе реализираното покачување на платите за пет проценти за вработените кај буџетските корисници во последниот квартал од годинава, како и ефектот од новото зголемување на платите на вработените во образовните институции на централно ниво за 10 проценти.

Следната година за тековните трансфери и субвенции ќе се трошат 156,4 милијарди денари. За социјални трансфери се планирани 116 милијарди денари, а 60,7 милијарди денари се наменети за исплата на зголемени пензии . Пензиите се покачуваат за околу 700 денари почнувајќи од јануари. Тоа зголемување е предвидено како дополнително, над редовната индексација со трошоците на живот, со цел да се овозможи соодветно ниво на пораст на животниот стандард и кај повозрасните лица, следејќи го подобрениот животен стандард на вработените, како и економските параметри (посебно порастот на просечната плата и минималната плата), појасни Ангеловска.

За спроведување на активните политики и мерки за вработување, пак,се планирани 1,3 милијарди денари и тоа, укажа Ангеловска, е највисок износ на буџетски средства досега по тој основ.

Во областа здравствена заштита се планирани 33,7 милијарди денари, односно за 2,8 милијарди денари повеќе во однос на годинава. Најголем дел од тие пари се наменети за финансирање на здравствените услуги и превземените мерки во оваа област како зголемување на капитацијата, достапност на лековите во текот на целиот месец, зголемување на надоместоците на специјалистите, како и за зголемување на платите на медицинскиот кадар во јавните здравствени установи. Со буџетот за 2020 година, најави министерката за финансии, е предвидено покачување на платите од февруари кај специјалистите за 25 проценти, кај општите лекари за 15 проценти, кај сестрите за 10 проценти, додека кај здравствените соработници за 5 проценти.

– За зголемување на конкурентноста на приватниот сектор, преку мерки за нови инвестициски вложувања, мерки за поддршка на извозот и освојување на нови пазари, поддршка за создавање нови вработувања, поддршката на малите и средните претпријатија, иновативната дејност, технолошки развој и истражување и странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони планирани се средства во износ од околу три милијарди денари – најави Ангеловска.

Од вкупно планираните 23,6 милијарди денари за капитални инвестиции, 36 отсто отпаѓаат на патната и железничка инфраструктура, комунална и енергетска инфраструктура. Меѓу останатото, треба да продолжи реализацијата на првата и втората фаза од пругата кон Бугарија, реконструкцијата на железничката пруга на Коридор X, а следната година со заем од Светска банка ќе се реализира проект за локални патишта, преку ИПА средства продлжува изградбата на патната делница Градско- Дреново, Куманово- Страцин… Ќе се троши и за изградбата на првата фаза од националниот гасоводен систем, делница Штип – Неготино – Битола и делница Скопје – Тетово – Гостивар, а со интензивирана динамика ќе продолжи изградбата на водоводните и канализационите системи во општините финансирани од сопствени извори и со средства од кредитни линии од ЕИБ и КФВ банката.

Проектираниот буџетски дефицит за 2020 година изнесува 17,4 милијарди денари, односно 2,3 проценти од БДП, согласно определбата за постепена фискална консолидација, која ќе допринесе за одговорно располагање со парите на граѓаните. Покрај за покривање на дефицитот, како што рече Ангеловска, ќе бидат потребни и 43,2 милијарди денари за отплати на долгови, со што вкупните потреби за финансирање во 2020 година изнесуваат 60,6 милијарди денари. Тие средства ќе се обезбедат преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар.

Разликата меѓу новото задолжување и отплатата на стари долгови во 2020 година ќе изнесува 19,7 милијарди денари (12,3 милијарди денари нето-домашно задолжување преку државни хартии од вредност и 7,4 милијарди денари нето-надворешно задолжување). Со тие средства, ќе се покрие буџетскиот дефицит од 17,4 милијарди денари, а на сметка ќе се акумулираат 1,1 милијарди денари како депозит (и дополнително ќе се отплатат 1,5 милијарди денари структурни обврзници за денационализација и обврзници за надоместување на селективни кредити на НБРСМ).

– Стабилноста на долг рок подразбира државата да биде подготвена за навремено враќање на големите и скапи кредити кои беа земени во минатото, а кои треба да се вратат со буџетот за 2020 година и како и во наредните буџетски години. Во овој контекст треба да се имаат во предвид 2020 и 2021 година кога за враќање доспеваат околу 835 милиони евра само по основ на само три големи претходни задолжувања (втора рата од PBG заем од 2013 година во износ од 155 милиони евра, евро-обврзница од 500 милиони евра издадена во 2014 година и остаток од еврообврзница од 180 милиони евра издадена во 2015 година). На овој износ треба да се додадат и останатите отплати на долгови на домашен и странски пазар – рече Ангеловска.

Таа во експозето потенцираше и дека реализацијата на приходите и приливите од почетокот на годинава е генерално во рамки на очекувањата, плаќањата на расходите се реализираат редовно и навремено, а растот на економската активност во првото полугодие достигна 3,6 проценти. Вработеноста во второто тримесечје е зголемена за 5,2 проценти, просечната нето-плата е зголемена за 3,7 проценти (894 денари) во првите девет месеци од годинава. Дефицитот е за 606 милиони денари понизок од остварениот дефицит во истиот период минатата година. Долгот во текот на оваа година, како што рече ресорната министерка, остана стабилен, без поголеми промени, а споредено со крајот на 2018 година, државниот долг бележи намалување и е понизок за 1,4 процентни поени од БДП, a јавниот долг е понизок за 0,9 отсто.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Арсовска: Приватниот сектор може да се соочи со тешка 2020 година

saso user

НБ очекува банките да не делат дивиденда, добивката да ја стават во функција на зголемување на капиталот

saso user

Косово излезе од енергетскиот пазар на Србија

saso user