Балкан

И во Грција од вчера забрането пушењето во барови и ресторани

Формирање непушачка култура, почитување на непушачите, грижа и поддршка на пушачите за откажување и заштита на здравјето на граѓаните, се четирите насоки на националниот акционен план за борба со пушењето на грчката влада, што имаат за цел намалување за 30 отсто на пушењето до 2025.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас, денеска го промовираа владиниот план, а паралелно официјално е пуштен во употреба и телефонски број за пријави и поплаки од граѓаните, јави дописничката на МИА од Атина.

– Како што полека полека научивме да носиме појаси и кациги на улиците, така ќе научиме да пушиме надвор од баровите и рестораните. И како што постепено влезе во нашиот живот правилната исхрана и вежбањето, така ќе излезе и цигарата, истакна Мицотакис во неговото обраќање.

Во Грција речиси 10 години делумно или воопшто не се спроведуваше законот, нешто на што се осврна и Мицотакис на почетокот од неговиот говор.

– Кусо пред изборите ја посетив болницата „Атико”. Тогаш, ми остави впечаток еден голем постер оставен на ѕид, на кој што пишуваше: во 2009 ги гасиме цигарите”. 11 закони, претседателски декрети, министерски одлуки за 10 години, со нула резултати, рече Мицотакис.

Грчкиот премиер во неговото обраќање се осврна и на податоците што се однесуваат на Грција дека „и покрај значителното намалување на бројот на пушачи на млада возраст, сепак 27,5 од Грците се пушачи, процент уште поголем кај возрасните”.

– Речиси сите граѓани се на некој начин изложени на пасивно пушење. Смртните случаи од пушењето се проценуваат на 20 000 годишно. Истата причина предизвикува повеќе од 700 000 денови хоспитализација на пациенти кои ја чинат државата близу 1 милијарда, рече Мицотакис.

Казните за оние кои нема да го почитуваат законот се особено високи, како за пушачите така и за сопствениците на кафулиња, ресторани, клубови и слично.

За физички лица се од 100 до 1500 евра во зависност од прекршокот, а за сопствениците од 500 до 10 000 евра.

Во исто време отворен е и телефонска линија на која граѓаните ќе можат да пријавуваат прекршувања на законот, а пријавите ќе бидат разгледани од надлежните власти за контрола – полицијата, општинската полиција, дирекциите за здравство од перифериите, како и крајбрежната служба.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Мицотакис го порази Ципрас, Златна зора вон Парламентот

saso user

Мира, сопругата на Слободан Милошевиќ се бори за живот

saso user

Четири шумски пожари во Грција

saso user