Бизнис

Ученици учат за електромонтери, а се плашат од висина

Посебни критериуми за избор и селекција на ученици во средните стручни училишта и обврзувачи систематски прегледи кои ќе ги реализира тим од доктори по медицина на трудот и ќе бидат соодветни за работните места во струките, бараат бизнисмените кои веќе спроведуваат практична обука на учениците. Од Стопанската комора, пак, бараат Министерството за образование до крајот на годинава да донесе измени или целосно нов Закон за средно стручно образование во чие донесување би се вклучиле и претставници на бизнисите кои воведоа практична работа за учениците во рамки на најавеното дуално образование.

Компаниите во кои моментално се изведува практична работа велат дека заради безбедност на учениците идни работници во одделни струки се потребни специјални систематски прегледи за да се утврди дали децата се подготвени да ја реализираат практиката и да се воведат критериуми за упис.

– За струките како електромонтер, електротехничар… кои се потребни на ЕВН, не е дозволено на пример дете или работник кој е далтонист да се занимава со овие професии. Исто така, дете кое се плаши од висина нема да може да биде монтер. Затоа ние бараме да се вршат специјални прегледи на децата пред да се запишат на струките и посебно пред да почнат со практична работа. Сегашните критериуми на упис и воведените систематски прегледи на децата не одговараат на нашите барања, па ние имаме проблем кога сакаме систематските прегледи пред практичната работа да се изведат во секторот за медицина на трудот со тим од психолози и лекари, специјалисти по медицина на труд – вели Маја Симоновска од ЕВН.

Таа смета дека поради немањето критериуми за упис на учениците на одделни струки дел од нив нема да можат да се занимаваат со струката која ја изучуваат бидејќи или здравствено не одговараат на профилот на работа или се незаинтересирани за струката.

– Не постои никаква селекција при запишување во средното стручно образование, нема никаква можност да се изберат ученици кои навистина имаат способности или афинитети за соодветен профил: електроинсталатер, електричар или монтер – вели Симоновска.

ЕВН веќе три години работи на проектот 20:20:20 според кој, ученици и во текот на учебната година и за време на летото доаѓаат на практична настава.

Наташа Јаневска од Стопанската комора рече дека ако државата сака квалитетно, функционално дуално образование треба што побрзо да ги отстрани законските пречки и во нив да ги воведе искуствата од добрите пректики кои се применуваат во компаниите.

– Не смееме да останеме само на добрите практики во компаниите и училиштата, туку треба да обезбедиме сето тоа да влезе во законите. Затоа бараме во работните групи кои работат на измените на Законот за средно стручно образование да се ангажираат и претставници од бизнисот – Јаневска.

Итноста на законските измени или донесувањето на нов Закон за средно стручно образование, според Комората, ја наметна состојбата на недостиг на стручни кадри, но и со недостиг на работна сила воопшто.

– Последната анализа на Комората покажува дека 63 отсто од компаниите се соочуваат со недостиг на стручен кадар, а 62 процента во предвидувањата што ги прават, планираат да ги зголемат вработувањата во следните 12 месеци. Инаку, иако недостига кадар, а на пазарот се нуди работна сила, нема поврзаност меѓу вештините што се нудат и она што се бара од реалниот сектор. Ваквата неусогласеност ја нарушува конкурентноста на економијата – рече Јаневска.

Таа информира дека своите барања Комората веќе денеска ќе ги достави во Министерството за образование.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Транспортната заедница отвори канцеларија во Белград

saso user

Европа ќе банкротира ако САД го напуштат НАТО

saso user

Ангеловска: Прагот за ДДВ обврзници се зголемува на два милиона денари

saso user