Бизнис

Не ги внесуваат вработените во системот, а бараат плати

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски информираше дека денеска ќе биде исплатена платата во институциите кои не ги внеле податоците за вработените во Информациониот систем за управување со човечки ресурси. Од 15-ти октомври до денеска во системот се внесени нови 32.247 податоци за вработените, од кои 21.827 податоци за вработени кои досега воопшто не биле во системот, додека 10.420 податоци се ажурирање на претходно доставени податоци. Во моментов вкупната бројка на внесени вработени изнесува 91.653.

– Наша цел не е казнување на вработените, но наша цел е воведување ред во системот и обезбедување точни податоци за состојбата со бројот и демографските карактеристики на вработените во јавниот сектор во ИСУЧР, согласно со закон – рече министерот Манчевски.

На овој начин, како што додаде тој, МИОА постапува по забелешката на Државниот завод за ревизија.

Овој пат врз основа на проверка поради неажурирани податоци, платата била стопирана во 80 институции.

Манчевски на прес-конференцијата истакна дека стопирањето на плати, нема да биде еднократен процес.

– За да имаме во реално време релевантни податоци за вработените, неопходно е тие да се ажурираат навремено. Затоа, овој процес ќе се повторува секој месец и во секоја институција каде што нема да се внесуваат и навремено ажурираат податоците. Системите на Упрвата за јавни приходи и на МИОА се поврзани и овој процес е веќе автоматски – рече Манчевски.

Во оваа, како што кажа тој, операција, не се вклучени здравствените, образовните институции и градинките, но и овие кадри ќе треба да бидат внесени во системот откако ќе бидат донесени измените на Законот, кој, како што најави Манчевски, набрзо ќе влезе во процедура. Во овој процес не се ниту Министерството за внатрешни работи, ниту Армијата, затоа што нивна обврска според закон е доставување само на вкупна бројка на вработени без поединечна анализа.

Извештајот со вкупниот број вработени во администрацијата ќе биде објавен во март.  Министерот вели дека сега не може точно да каже колку вработени има во администрацијата бидејќи нема целосна пополнетост на системот.

– Но, со динамиката што ја утврдивме следниот месец ќе може да кажеме дека се целосно внесени податоците и тие јавно ќе бидат достапни – вели Манчевски.

МИОА, вели тој, ги нема податоците за потребите за вработување на секоја институција поединечно, а се работи за 1.300 институции.

– Тоа го менаџираат раководителите на институциите. Ние ги спроведуваме постапките, не го планираме нивното вработување или кои се нивните систематизации и годишни планови за вработување. Се работи за комбинација, пополнување на тоа што се празни и евентуално некои нови места – рече Манчевски, одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата за нови вработувања во администрацијата.

Како пример за отворање на над шеесетина нови работни места министерот посочи на Управата за извршување на санкции, каде што се воведува сосема нова функционалност пробација – контролни алки што се ставаат на притворени за да не избегаат кога ќе се пуштат од домашен притвор.

Министерот предупреди дека на крајот од годинава во јавноста повторно може да има интерес за договорите на определено време, особено поради претстојните можни избори.

– Знам дека ќе има обид ова да се поврзе во изборни цели. Но, да ве потсетам дека и лани беше така и претходно беше така, бидејќи согласно законот на 31 декември им истекуваат договорите за оваа година и институцијата ги продолжува на определено време договорите – рече Манчевски.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Хрватска испрати писмо за намера за влез во Еврозона

saso user

ВО ПРВИТЕ ТРИ МЕСЕЦИ ОД ГОДИНАВА АХВ НАПРАВИ 16.578 ИНСПЕКЦИСКИ КОНТРОЛИ

saso user

Кај нас нема африканска чума, во Бугарија над 65 жаришта

saso user