Македонија

Груевски цела година во Будимпешта наместо во Шутка, виновник не се најде

Пред точно една година, на 8 ноември 2018, поранешниот премиер Никола Груевски требаше да ја помине затворската капија во Шутка за да ја издржи казната од две години, на која правосилно е осуден во случајот „Тенк“ на СЈО, кој се однесува на набавката на блиндираниот мерцедес.

Наместо тоа, тој помина неколку државни граници и по пет дена, на 13 ноември, преку статус на Фејсбук објави дека се наоѓа во Будимпешта и дека побарал политички азил од унгарските власти. Една година потоа, се уште не е откриено дали и кој учествувал во организацијата на бегството односно дали воопшто некој треба кривично да одговара за тоа. Случајот и денеска е во предистражна постапка.

– До овој момент не е утврдено постоење на кривична одговорност на службени лица дека помогнале или учествувале во организирањето и реализацијата на бегството на сега осудениот Никола Груевски – велат за Плусинфо од обвинителството.

Ваквиот денешен одговор од обвинителството е истата реченица која беше дел од официјално соопштение на обвинителството објавено на 6 февруари годинава.

Во тоа соопштение надлежните наведуваат детали за чекорите кои ги преземале дотогаш, па врз основа на тоа, прашавме во обвинителството кои се резултатите.

НИТУ ЕДНА КАМЕРА НЕ ГО „УЛОВИЛА“ ГРУЕВСКИ

Тогаш обвинителството најави дека собрале видео материјали од безбедносни камери кои се со големина од 10 терабајти и посочи дека истите се дадени на анализа во МВР. Таа анализа, според денешниот одговор од обвинителството, покажала дека Груевски не бил уловен од ниту една камера низ улиците и булеварите во Скопје, аеродромот итн.

– Предметот е оформен со цел да се утврди дали постои евентуална кривична одговорност  за помагање на сторител по извршеното кривично дело од страна на службени и други лица. Надлежниот обвинител издаде низа наредби за прибирање на видео материјали кои  беа доставени на анализа во Министерството за внатрешни работи. Од анализата на материјалот со големина од околу 10 терабајти од Safe city системот во Скопје,  од патниот правец кон Шпиље и Дебар, од аеродромот во Скопје, како и од сите гранични премини кон Република Албанија лицето не е лоцирано – велат од обвинителството.

Меѓутоа, поради обемноста, дел од видео материјалот сѐ уште се анализира. Не е завршена ниту анализата на листинзите за 60 телефонски броеви на лица за кои од обвинителството се сомневале дека контактирале со експремиерот.

На 6 февруари, обвинителството информираше и дека се сослушани 56 лица, од кои: 28 полициски службеници од граничните премини, шестмина членови на обезбедувањето на осуденото лице Никола Груевски, пет службени лица од Министерството за внатрешни работи и 17 други лица.

Прашавме што е утврдено од нивните искази, бидејќи беше наведено дека „првично се утврдени некои факти“, како и кои од блиските соработници на Груевски се сослушани. Одговорот е ист, како и пред шест месеци – не е утврдена кривична одговорност кај службени лица, а институциите одговориле дека немале никакви сознанија дека осудениот експремиер ќе избега.

ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОСТАНА БЕЗ СНИМКИТЕ ОД АЛБАНИЈА

Во однос на меѓународната соработка, сопките со кои се соочуваа македонските власти и денеска не се надминати. Ги нема снимките од Албанија кои можеби ќе дадеа одговор дали Груевски имал контакти со тамошната амбасада на Унгарија.

– Од информациите добиени од Интегрираниот систем за гранична контрола, како и од Интерпол е утврдено дека за лицето не постои евидентиран излез од територијата на Република Македонија во критичниот период. Како што веќе информиравме и по две ургенции меѓународната правна помош со Албанија не вроди со плод и обвинителството не ги доби бараните видео материјали од граничните премини, како и од камерите со кои се покрива околината на Амбасадата на Република Унгарија во Тирана. Од соработката со црногорските власти е добиена потврда дека лицето е евидентирано и легално ја преминало албанско – црногорската граница на 11 ноември 2019 година во 18.18 часот – велат од обвинителството.

Во меѓувреме, додека тука тече предистражна постапка, Груевски во Будимпешта беше мета на унгарските новинари, кои неколкупати досега го ловеа во разни ситуација: на ручек во ресторан, пред банкомат, на прошетка по улица, на аеродром…

ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Заев на средба со Хан: Добивањето датум за преговори е особено важно за земјава

saso user

Планинар од Македонија загина на Олимп

saso user

Американска донација од најсовремена материјално-техничка опрема за полицијата

saso user