Македонија Топ вести

Адвокатите бараат Апелација да го ослободи Мијалков или да го врати „Титаник 2“ за Кривичен да научи како се носи пресуда

Обвинението за „Титаник 2“, кое се однесува на договорено гласање во ДИК за приговор за локалните избори во Струмица во 2013, е недокажано и пресудата од Основниот кривичен суд не се темели на докази, туку на еден куп претпоставки. Ова го тврдеа адвокатите на Сашо Мијалков, но и на останатите обвинети во „Титаник 2“, кои денеска пред Апелацискиот суд Скопје ја обжалуваа првостепената пресуда.

– Ако ја погледнете жалбата, во неа се бара судот да ја преиначи и да донесе ослободителна пресуда. Тоа е така затоа што сме убедени дека има доволно елементи судот со чиста совест да донесе ослободителна пресуда. Останува единствено од педагошки причини судот да ја укине пресудата за Кривичниот суд да се научи да носи пресуда врз основа докази – порача адвокатот на Мијалков, Миле Петровски, пред советот во Апелација.

Мијалков во случајот е осуден на три годни затвор, но пресудата не е правосилна додека за неа не се произнесе и второстепениот суд. Адвокатот Петровски ја побиваше пресудата тврдејќи дека Мијалков е прогласен за виновен единствено врз основа на пет-шест неовластено прибавени разговори од кои тој е учесник во два.

Другиот адвокат на Мијалков, Дончо Наков, посочи дека е фрапантно да се дозволи воопшто да постои ваква пресуда во правосудниот систем, пресуда која е целосно препишана од обвинението. Тој оспоруваше детали од пресудата побивајќи го кривичното дело за кое е осуден ексшефот на УБК – примање награда за противзаконито влијание. Влијанието во случајот, објаснуваше Наков, е лоцирано врз Мендух Тачи, но има контрадикторност дали тој е службено или одговорно лице.

– Судијата на почетокот на пресудата го лоцира Мендух Тачи како одговорно лице. Ако е така, тогаш пак, на страна 43 пишува дека Мијалков влијаел на службено лице. Само ова е доволно да се врати предметот – рече Наков наведувајќи примери зошто овој предмет треба да падне пред Апелација.

Не само адвокатите на Мијалков, туку и на останатите обвинети кои се тогашни членови на ДИК, го оспоруваа и самото тоа што еден ваков случај кој е во надлежност на Управен суд завршил со кривично гонење. ДИК, нагласуваа тие, е првостепен орган во однос на приговорите за изборите, а второстепен е Управниот суд, кој по тужбата од СДСМ зашто бил прифатен приговор, ја донел истата одлука како и ДИК претходно.

– Се суди за даден глас на орган, одлука донесена во управна постапка, потврдена и второстено од Управен суд. Кривичен не е надлежен, ниту може ниту смее да оценува дали некоја судска одлука е правилна или не, дали некој гласал правилно или не. Во оваа постапка има двостепеност, одлуката на Управен е конечна, таа е правно валидна – наведе, меѓу другото, адвокатот Драги Пешиќ кој ја брани обвинетата Анета Стефановска, поранешна членка на ДИК.

Обвинетите, пак, останаа на жалбите на адвокатите и побараа ослободителни пресуди.

Мијалков не сакаше многу да зборува и наведе дека очекува правична одлука.

– Моите бранители ги опфатија сите аспекти. Се што би кажал само би се повторувал, Верувам во вашиот судиски дигнитет и верувам дека ќе донесете, пред се, правична одлука – рече Мијалков.

Членовите на ДИК тврдеа дека со гласањето не сториле никакво кривично дело, гласале по нивно убедување, а СЈО посочија дека не изнело никакви конкретни материјални и вербални докази.

Од обвинетите, единствено во судот денеска не се појави Мендух Тачи. Ниту неговиот адвокат не сакаше усно да ја образложува жалбата, туку само посочи дека останува на тоа што го навел во писмена форма.

Исто како и Мијалков, со првостепената пресуда на Кривичен, на три годни затвор се осудени и тројцата членови на ДИК во 2013 од редовите на ВМРО-ДПМНЕ: Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев. Лидерот на ДПА Мендух Тачи доби три години и два месеца, а највисока казна од четири години и шест месеци му беше изречена на Бедредин Ибраими кој беше дел од ДИК по предлог на ДПА.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Aкциска контрола за санкционирање на возачи што возат под дејство на алкохол

saso user

Француски „Репортер“: Преспа, рај на дива природа во срцето на Балканот

saso user

Јанкулоска нема да оди во затвор до 1 јули

saso user