Бизнис

Сите во пензија на 64 години, дилема има само за хирурзите и за професорите

Измените на Законот за работни односи (член 104), со кои ќе се укине можноста за продолжување на договорите за вработување по исполнување на условите за пензионирање до три години, се во завршна фаза и ќе се најдат на последната седница на Собранието овој месец или на првата од почетокот на следниот месец, тврдат иницијаторите на измените, пратеници од владеачката коалиција.

Иницијаторите на измените велат дека овие измени, како и Законот за работни односи ќе важат за сите вработени во земјата без разлика дали се во јавниот или во приватниот сектор. Мажите ќе одат во пензија со наполнети 64 години, а жените со наполнети 62 години.

– Наша дилема е како да се овозможи дефицитарни кадри во здравството и на универзитетите да можат да продолжат со работа и по навршување на годините за пензионирање. Дел од овие кадри, на пример хирург, не може да оперира со договор за дело, бидејќи треба да исполни одредени процедури, па ќе мора да се најде начин како да се овозможи тие да работат додека не се обезбеди соодветен кадар. Дилемата ни е дали тоа да се направи со посебни акти, или со законите со кои се регулира областа во која работат – вели координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески.

Во тој однос, има дилеми и во однос на ставот 4 од членот 104 на Законот за работни односи, со кој се обврзува работодавачот по даденото барање на работникот да го продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно најмногу до 65 години возраст (жена).

Иницијаторите на измените на Законот за работни односи, меѓутоа тврдат дека најмала дилема околу нивното донесување има за административците кои ги исполниле условите за пензија, бидејќи кај нив нема да има основ за продолжување на договорите за работа.

Митрески очекува дилемите да се решат најповолно за работниците, а измените на законот да се донесат колку што е можно побрзо, но не прецизира кога ќе биде готов текстот на измените.

– За нив треба да се расправа на последната седница на Собранието во тековниот месец или на првата седница во следниот месец – вели тој.

Тој потврди дека измените на Законот за работни односи се подготвуваат во координација со сите учесници во коалицијата, но не и со опозицијата.

Измените на Законот за работни односи ги најави и премиерот Зоран Заев на трибина во Куманово, со оправдување дека на тој начин ќе се овозможи вработување на млади луѓе.

– Носиме нов закон. Наместо досега со избор до 67 години да се оди во пензија, го пуштивме законот со 64 години да се оди во пензија. Да ослободиме работни места за младите луѓе – рече Заев во Куманово.

Експертите се воздржуваат од коментари во врска со измените кои ги најавуваат пратениците. Дел од нив коментираат дека е добро да се задржи старосната граница и да се создадат услови за вработување на нов кадар, посебно во трудоинтензивните дејности. За подетални анализи, велат ќе го чекаат официјалниот предлог на измени на Законот за работни односи.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

ОДГОВОР НА ПЛУСИНФО НА „ДЕМАНТОТ“ НА МЕПСО Инвестицијата доцни најмалку две години и тоа е последица на неодговорно работење!

saso user

Производителите на домашна ракија бараат одлагање на акцизата

saso user

КИФ, официјализиран проектот финансиран од ЕУ за поконкурентен регион

saso user