Мода

Плетењето е одново во мода: Млади таленти заедно ја оживуваат заборавената традиција

Со тридневна работилница под менторство на дизајнерката Ирина Тошева, започна реализацијата на проектот „Нитка“, чиишто учесници ќе ѝ се претстават на јавноста со заеднички  перформанс, во рамки на јубилејното 20-то издание на Моден Викенд Скопје.

Како древното занаетчиство може да преживее во современиот свет? На иницијатива од македонското модно здружение „Концепт Моден Кластер“, практични одговори на ова прашање ќе понуди групата млади таленти: Дана Ќосева, Мирјана Јосифоска, Хозе Белмонте, Радица Лазова, Катерина Димитрoвска и Марија Стојановска, кои изразија волја да учат, експериментираат и се усовршат во ним сосема непозната сфера.

Во наредните две седмици, пред нив е креативниот предизвик – да ги сплотат различните модни визии, па рачно да сплетат оригинални и носливи модели, работејќи во тандеми. Според менторката Ирина Тошева, поврзувањето на генерациите за пренос на занаетчиските вештини е од исклучителна важност, бидејќи наскоро постои можност да паднат во заборав:

„Убавината и културната мудрост на вековната изработка се наоѓаат на работ на истребување насекаде низ светот. Висококвалификуваните занаетчии станаа „загрозени видови“, бидејќи новите генерации немаат интерес за учење и примена на овие техники. Со соодветните алатки, материјали и менторство, младите креативни умови ќе создадат навистина уникатни брендирани производ.“

Со посветеноста и помошта од Здружението на жени „Цвет Крушево” и Светлана Димитријевиќ, учесниците научија различни техники на плетење, коишто допрва ќе ги преведат на модерен начин во нивните дизајни, користејќи ги волниците од домашниот текстилен производител Тетекс. Насловната и фотографиите од динамичната атмосфера во текот на обуките се дело на Виктор Стојков.

Во соработка со студентите на школата за уметност и дизајн „Џолев и уметностите“, предвидено е и снимање на промотивен каталог за изработките. Публиката од земјата и странство, пак, ќе има прилика да ги види премиерно и во живо финалните производи на претстојниот Моден Викенд Скопје, што ќе се одржи од 1 до 3 ноември во Музејот на Град Скопје.

Проектот „Нитка“ е финансиски поддржан од Министерството за култура, во склоп на манифестацијата Нов културен бран во 2019 година.

 

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Мејк-ап трикови за девојките со очила

saso user

Лондонската модна недела отворена со дезени со сперматозоиди ФОТО

saso user

Ексклузивните производи на Fashion group отсега и преку мобилна апликација

saso user