Македонија Топ вести

Заев и Анѓушев до почесните конзули: Ова е неповторливо време, очекуваме позитивна одлука од ЕУ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, со вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев денеска присуствуваше на Конференција на почесни конзули на Република Северна Македонија, што се одржа во МНР, а на којашто присуствуваа почесни конзули од повеќе континенти и држави, од САД, Австралија, Индија, Индонезија, Германија, Италија, Холандија, Унгарија, Романија, Турција, Казахстан, Словенија, Хрватска, Јордан, Сирија…

Премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев имаа свои обраќања во рамки на Конференцијата. Двајцата го истакнаа значајниот интеграциски период во којшто се наоѓа Република Северна Македонија, како и отворените економските перспективи коишто веќе даваат првични резултати, а има и потреба и простор да бидат интензивирани.

– Ова е неповторливо време за земјата, оцени премиерот Заев во дискусијата со почесните конзули, посочувајќи на заокружувањето на интеграцискиот процес во НАТО и очекувањата за почеток на преговорите со ЕУ како можност и за економски развој.

– Очекуваме, не подоцна од оваа година, дека конечно ќе добиеме позитивна одлука од Европската унија, бидејќи скоро 14 и пол години чекаме одлука за почеток на преговорите со ЕУ, што е многу важно за нас. Главниот проблем што нё спречуваше во минатото беше прашањето со Грција, но сега по решението постои многу мотивација внатре во земјата што резултираше со огромен успех во реформскиот процес, заедно со опозицијата. Донесовме и нови регулативи коишто се потврдени од Европската комисија и даваат многу јасна препорака да се почнат преговори со ЕУ, рече премиерот Заев.

Тој посочи дека Република Северна Македонија е следната земја членка на НАТО, што оди во прилог на економскиот развој.

„За нас, НАТО значи стабилност и безбедност, што е многу важно и за секој инвеститор, тоа е минимумот што го очекуваат, како би одлучиле да инвестираат во земјава. Тоа ќе го оствариме преку процесот на интегрирањето во НАТО. Очекуваме дека од наредната, 2020 година ќе бидеме полноправна земја членка на НАТО. Не очекуваме никакви пречки или поплаки од некои од земјите членки, сепак тоа е процес што мора да биде потврден низ парламентите на секоја земја членка на НАТО. И секако тука е Европската унија којашто за нас значи поголема трансформација и подобрување на демократските состојби и станување на вистинска европска земја со европски вредности. Во моментов очекуваме позитивна одлука од Европската унија, за да се одржи и нашата мотивација, да продолжиме да работиме и да се движиме во оваа насока. Да го започнеме процесот на преговори со ЕУ – тоа е едно патешествие кое што ќе нѐ трансформира да станеме подобра земја, а ќе ни даде и поголема мотивација за идната економска соработка на Република Северна Македонија со другите земји од светот. Некој нѐ нарече светлечка земја, ѕвезда на Балканот, што е еден вид и потврда за амбиентот за чувството во Европската унија, затоа што ние навистина работиме напорно заедно со опозицијата, изгласавме многу нови закони и регулативи и мислам дека тоа ќе придонесе позитивно кон нашата држава, особено регулативите поврзани со правосудството, со борбата против корупцијата, како и подобрување на безбедноста на државата. И тоа исто така ќе мотивира уште повеќе бизнисмени и граѓани да работат уште подобро во Република Северна Македонија“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев се заблагодари на почесните конзули за сѐ што прават во подобрувањето на имиџот на земјата и повика во претстојниот период посебно да партиципираат во позитивните процеси, во економските придобивки и развојот на државата. Во обраќањето тој на кратко објасни за досегашните економски постигнувања коишто се значително поголеми од претходните години, поради севкупната позитивна клима во државата, за поддршката што ја дава државава на фирмите, за даночните олеснувања со коишто тие може да работат профитабилно, одржливо и безбедно, а дека за граѓаните и за нашата земја тоа значи поголемо производство дома и повеќе работни места.

„Позитивни работи се случуваат во нашата држава. Го цениме вашиот ангажман и ќе продолжиме да ве мотивираме во таа насока. Имате одговорна работа, за нашата земја да биде добро место за живеење со бенефити за граѓаните“ рече, меѓу другото, во обраќањето, премиерот Заев на Конференцијата со почесните конзули.

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, посочи на таргетот на владините политики и на економската дипломатија, коишто се пред сѐ во насока да се привлечат компании со висок технолошки развој и добри плати, за да се мотивираат младите луѓе и стручните кадри, да останат да работат во нашата држава.

– Ако претходно таргетот беше ставен и сите ние слушавме дека се привлекуваат странски инвестиции, на тоа дека ќе дојдат тука и ќе работат за 12.000 денара, ние не смееме повеќе да го правиме тоа. Нашата цел е да привлечеме странски инвестиции или компании коишто ќе бидат од повисок степен на технолошки развој, а не да ја базираат својата активност само на евтина работна рака. Најважно е да тие работни места што ќе бидат креирани, да бидат такви да бараат фабрики со 300-400-500 вработени, меѓутоа да бидат со висок степен на капитал, да бидат капитално интензивни инвестиции, бидејќи тие што вработуваат 4-5 илјади луѓе, нивната инвестиција е 10-15 милиони евра, а се базираат на евтина работна сила и се трудо-интензивни како дејности, за разлика од овие инвестиции во последните години и можам тука да ги кажам како добри примери Герешајмер, Баумер, Дура итн. Тие се со својот капитал и со своите инвестиции 60-70-100-150 милиони евра, а вработуваат 300-400-500 вработени, но таму платите дозволуваат додадената вредност на тие компании да бидат над просекот во нашата држава и тоа е тоа што ни треба, бидејќи ние не очекуваме тие компании коишто ќе дојдат во Северна Македонија за инженери и високо стручни кадри, дека ќе ги дадат платите што се во Германија, но очекуваме да дадат барем 40-50 проценти од тие плати, а во тој случај за инженер во нашата држава платата би била 1000-1500 евра и со таква плата тие би биле задоволни, би можеме да ги задржат младите луѓе. Значи очекуваме дека платата треба да биде нешто од величината меѓу 500-800 евра што за нашите вработени би биле атрактивни, а од друга страна и тие ќе го најдат својот интерес бидејќи во тие високо развиени земји секаде е проблем да се најде веќе работна рака и наместо да извезуваме луѓе во тие земји како што се случува во последните години, ние да извезуваме производи. Да не извезуваме деца во другите држави, туку да извезуваме производи“ рече вицепремиерот Анѓушев.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Променето името на туристичката кампања „Македонија вечна“ во „Северна Македонија вечна“.

saso user

Дијаспората незаинтересирана за идниот претседател, ќе гласаат само 1.782 граѓани

saso user

Обвинение за жената која со секира го уби сопругот

saso user