Бизнис

Шест пати повеќе прекршувања на работничките права од пријавеното кај инспекторите

Невладините организаци од источниот регион евидентирале значително поголем број прекршувања на правата на работниците во однос на поднесените пријави во Инспекторатот за труд што влијае врз намалувањето на работната сила и нејзино заминување од државата.

Анализите што во рамки на проектот „Граѓанинот е најдобар инспектор“ ги направиле невладините организации „ИНИ“ од Виница и „Надеж“ од Македонска Каменица покажале дека крeирањето добра бизнис клима и фер работни односи се главен предуслов да се спречи миграцијата и иселувањето на млади работоспособни лица од регионот. Добиените податоци за непочитувањето на законските одредби за заштита на правата на работниците се загрижувачки поради впечатокот дека постапувањата на надлежните органи не се соодветни на состојбата на терен.

– Согласно податоците што ги имаме од граѓанскиот сектор, бројот на прекршени работнички права е дури за шест пати поголем во однос на пријавувањата и постапувањата од Инспекторатот за труд. Сакаме да им укажеме на граѓаните, односно на работниците дека фирмите постојат за тие да ги имплементираат своите вештини и да заработуваат достоинствено. Од друга страна, во соработка со бизнис секторот, треба да најдат заеднички јазик и форма за да се обезбеди поголема продуктивност – истакна Зоран Биковски, експерт по трудово право.

Според Биковски, со доаѓањето на странски инвеститори, каков што е примерот со неколку фирми во Кочани, може да се забележи извесно подобрување на бизнис климата поради што работници од соседните помали градови бараат вработување овде. Сепак, нагласи дека останува обврската на Инспекторатот да биде во служба на граѓаните, да постапува превентивно и да обезбеди услови работната сила да остане во државата.

По одржувањето на дебатите во Делчево, Македонска Каменица, Виница и Кочани, двете невладини организации ќе ја продолжат кампањата за подигање на јавната свест за заштита на работничките права со трибини и во Штип и Пробиштип.

Забелешките и заклучоците од одржаните работилници во шесте градови ќе бидат доставени до Министерството за економија и до Министерство за труд и социјална политика, пред изготвувањето на новиот Закон за работни односи. 

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

И во наша мобилна лабораторија ќе се испитува какви горива се точат на бензинските пумпи

saso user

Ќе се ловат продавачите на црно на Интернет, пратките ќе се скенираат електронски во пошта

saso user

Гасоводот го проби Водно до Гостивар ќе стигне до крајот на годинава

saso user