Број на текстови објавени денес: 70
Македонија Топ вести

За средниот век и за Гоце Делчев ќе се усогласуваат македонските и бугарските експерти

Периодот на средниот век и ликот и делото на Гоце Делчев ќе се најдат на маса денеска и утре на состанокот на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија, која овој пат ќе заседава во Софија.

Како што имнформираа од Комисијата, нејзините членови ќе разговараат за утврдување на препораки до владите и соодветните министерства на двете држави за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение според бугарскиот образовен систем и седмо одделение според македонскиот образовен систем, коишто ги опфаќаат средновековниот период од историјата, како и за евентуално заедничко чествување на Гоце Делчев.

Средбата е продолжение на претходната, која се одржа во Скопје во јуни. Ова е четврта средба на Комисијата оваа година, а до крајот на годината се предвидени уште две средби.

Од досегашните шест средби до владите на двете земји се препорачани заеднички чествувања на Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и цар Самоил, како и препораки за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во Република Северна Македонија и петти клас во Република Бугарија кои се однесуваат на античкиот период од минатото.

Препораките до двете влади за периодот на антиката за учебниците од петто одделение во бугарскиот образовен систем и за шесто во македонскиот образовен систем беа усвоени на последиот состанок, што се одржа на почетокот на јуни во Скопје.

Гоце Делчев беше тешкото прашање на последната средба во јуни, а тогаш претседавачот од македонска страна Драги Ѓоргиев и бугарскиот претседавач Ангел Димитров напоменаа дека за одредени работи експертите од двете земји постигнале согласност во однос на личноста и делото на Делчев, но за одредени, нивните мислења се спротивставувале.

Димитров изрази увереност дека доколку се продолжи со овој конструктивен пристап на состаноците на коишто се почитуваат фактите и се има правилен пристап кон историјата, со сигурност ќе се најде заеднички јазик за заедничко чествување на Гоце Делчев.

– Уверен сум дека има простор и основа да најдеме разбирање ако се однесуваме сериозно кон историските факти и документација, со почитување на позицијата на другиот. На тој начин ќе стигнеме до она што во моментов на некои им изгледа далечно – рече Димитров по јунскиот состанок.

Целта на состаноците, како што велат од Комисијата, е да се изврши денационализација и деполитизација на минатото. Комисијата е формирана на паритетна основа за решавање на историските и образовни отворени прашања, согласно со член 8 став 2 од Договорот за добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, потпишан на 2 август 2017 година. Има по седум членови од двете држави, претседател од македонска страна е Ѓоргиев, а од бугарска Димитров – првиот амбасадор на Бугарија во земјава.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Изет Зеќири можен претседателски кандидат на Села и Касами

saso user

Заев чека прием кај Меркел, реконструкцијата е стокмена

saso user

Убедливо водство на Константин Георгиески за градоначалник на Охрид

saso user