Број на текстови објавени денес: 71
Спорт

Циципас за МИА: Посакував да бидам еден од најдобрите светски тенисери, но дојде многу брзо

Секогаш сакав да успеам да бидам меѓу најдобрите во светот, но дојде многу брзо, вели во ексклузивно интервју за МИА грчкиот тенисер Стефанос Циципас, кој е седми на светската АТП листа и цели кон тоа да стане рекет број еден во светот.

Дописничката на МИА од Атина, го сретна 21-годишниот тенисер за време на Дејвис купот што се одржува во грчката престолнина. Скромен и постојано насмеан, Циципас, говори за најтешкиот, но и најнезаборавниот меч во неговата досегашна кариера, но и за неодамнешната одлука да ги избрише сите негови профили од социјалните мрежи.

Во неговата досегашна кариера, 21-годишниот тенисер играше и со неговиот идол Роџер Федерер, меч за кој вели дека бил еден од потешките за него.

Тенисерот број седум во светот, во разговор со дописничката на МИА од Атина говори, испраќа порака до младите да имаат верба во себе за да ја постигнат целта.

Во овој момент си тенисер број седум во светот, кога започна со тенисот, ова беше твојот сон, веруваше дека ќе стигнеш толку високо?

– Не можам да одговорам на ова. Секогаш сакав да имам високи поени и да успеам да бидам меѓу најдобрите во светот. Но, никогаш не верував дека ќе стигнам овде каде што сум сега. Ова, секако со текот на времето се разви, со турнирите на кои играв, сѐ повеќе ги сфаќав моите намери и што навистина сакам да правам и сега можам да кажам дека да, секако дека сакав да бидам тука, но дојде многу брзо…

Не очекуваше толку брзо да се случи? Сега целиш кон број еден?

– Да, мојата цел е број еден, но се обидувам да не размислувам многу за број еден, бидејќи тоа е како да немаш друг избор. Бројот еден е број еден и сите сакаат да бидат број еден, но треба да бидам постабилен на секојдневна основа, за да можам да играм на повеќе турнири.

Постои некој натпревар кој ќе го паметиш бидејќи, за тебе лично, беше тежок и физички и психички?

– Еден од најтешките натпревари оваа година беше на Ролан Гарос со Вавринка. Исто така, тежок натпревар, би рекол повеќе психички тежок натпревар, одиграв со Федерер на Австралија Опен, беше тешко да го завршам.

Веруваше дека еден ден ќе играш со Федерер?

– Да бидам искрен, не верував. Но, ете се случи. Од потешките натпревари годинава беше исто така и оној со Надал во Мадрид.

Како мал, имаше идол? Некој од тенисерите за кој велеше дека сакаш да бидеш како него, да го достигнеш, но и да го надминеш?

– Да, Роџер Федерер.

Натпревар што од твои лични причини нема никогаш да го заборавиш?

– Победата над Новак Ѓоковиќ, лани во Торонто, бидејќи беше прва победа, мислам дека Ѓоковиќ тогаш беше тенисер број еден.

Што би им порачал на децата кои те следат и сонуваат да станат тенисери?

– Да верувате во себе, бидејќи сето ова почнува од верба. Исто така да верувате во вашите способности и како луѓе, не само како спортисти, затоа што животот е тежок и сите сакаат да го добијат најдоброто од тебе, па така, да си цврст, да веруваш, да си блиску до семејството и да работиш напорно за она што навистина го сакаш во животот. Исто така, важно да имаш една мешавина од креативност е во твојот карактер, бидејќи тоа сигурно ќе ти помогне да стигнеш многу високо.

И да ги затвориш профилите на социјалните мрежи? И ова е еден дел?

– Тоа е избор на секој посебно. Мене мислам дека ме прави да се чувствувам умствено поизбалансирано, кога ги затворам и се исклучувам. Генерално на социјалните мрежи постојат многу работи кои се кажуваат, а не се точни.

Ти пречат? Ти влијаат?

– Може да ми влијаат, без да бидам свесен. Па така, не губам ништо ако ги затворам и се посветам и се концентрирам на моите блиски луѓе и на оние со кои навистина поминувам убаво.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Ѓоковиќ уверливо на полуфиналето на Роланд Гарос

saso user

Бензема ја доби наградата за најдобриот француски фудбалер во странство

saso user

Реал нуди многу за да го земе Пол Погба

saso user