Број на текстови објавени денес: 70
Здравје

Со секое залче леб, голтаме и адитиви

Леб печен на дрва, домашен леб, селски леб… Таман ќе помислите дека токму овој свеж леб којшто се продава само еден ден во пекарите и маркетите сигурно нема адитиви, непријатно ќе се изненадите кога на хартијата во која е спакуван ќе прочитате дека и некои од тие лебови содржат адитиви.

За тоа зошто и лебот што се продава само еден ден ги има овие додатоци – за свежина, вкус или за да не се „расипе“, како и дали колку тие се штетни, во интервју за Плусинфо одговара д-р инженер Маја Димитровска, менаџер за квалитет во Институтот за јавно здравје на РМ, во чии лаборатории речиси секојдневно се врши анализа и на овој прехранбен производ.

д-р инженер Маја Димитровска

Агенцијата за храна и ветеринарство ги доставува мострите во лабораториите на ИЈЗ, бидејќи немаат свои лаборатории, а анализите за квалитет и безбедност се прават и во Институтот, но и во подрачните Центри за јавно здравје, кога инспекторите од АХВ ќе достават примероци. Сите прехранбени компании, еднаш до два пати годишно, треба да направат анализи на целата палета производи која ја имаат, вклучувајќи ги и суровините кои ги користат за производство.

Лебот е зачинет со адитиви за да не се расипе и да не мувлоса 

– Последните десетина и повеќе години на пазарот се наоѓаат најразлични типови на леб кои се достапни на потрошувачите. Домашната пекарска индустрија ги следи современите светски трендови, па така, сега може да се избира меѓу огромен број производи со најразлични карактеристики. Заради побрзото темпо на живот, луѓето не секогаш се во можност да ги купуваат основните прехранбени продукти секојдневно, па така доаѓаме до потребата да се произведе и леб кој трае и останува свеж подолго, односно неколку денови. Постојат повеќе технолошки постапки кои го овозможуваат тоа, а една од нив е пастеризацијата на лебот. По печењето, лебот се пакува во амбалажа, а потоа повторно се загрева на одредена температура т.е. се пастеризира, при што се уништуваат бактериите и спорите од мувлите кои вообичаено се присутни во воздухот. Со овој третман се намалува и ензимската активност на производот и се обезбедува продолжен рок на траење, односно свежина на лебот.

Има ли друг начин да се спречи мувлосувањето на лебот?

– Другиот начин на спречување на мувлосување и расипување на лебот е со додаток на хемиски супстанции – адитиви како што е калциум пропионатот, кој, доколку е додаден во производот, мора да биде означен на декларацијата. Лебот кој се произведува со цел да се продаде истиот ден, обично не е спакуван во двојна амбалажа и не содржи дополнителни адитиви – конзерванси за продолжување на трајноста, бидејќи нема потреба за тоа. Но, употребата на адитиви од типот на подобрувачи, како аскорбинска киселина, моно и диглицериди, ензими е дозволена заради подобрување на текстурата, свежината, пекарските својства на лебот – појаснува Димитровска.

Читајте ги декларациите, особено оние кои се алергични

Колку се штетни овие додатоци за храна – адитиви?

– Сите адитиви кои се користат во прехранбената индустрија претходно поминуваат низ ригорозни процедури за одобрување на нивното користење. Во Европската Унија за тоа е надлежна Европската агенција за безбедност на храна (ЕФСА). За да бидат адитивите одобрени од страна на ЕФСА мора да постојат докази дека се неопходни во технолошкиот процес и дека се безбедни за употреба. Сите одобрени адитиви имаат единствен Е-број кој мора да е наведен на декларацијата на производите доколку адитивот е употребен во текот на производството. Количеството на додадени адитиви, исто така, е ограничено и за тоа постојат специфични законски прописи. Во Македонија, регулативата за употребата на адитиви во прехранбените производи е усогласена со европската, односно постои Правилник за адитивите што се употребуваат во производство на храна. Во него се наведени сите одобрени хемиски сусптанции и максимално дозволената количина која секој производ смее да ја содржи. Според тоа, потрошувачите треба да бидат уверени дека одобрените адитиви се безбедни, но секако можат да направат информиран избор со читање на декларациите на производите кои ги купуваат, особено лицата кои знаат дека се алергични или пречувствителни на некој адитив.

Солта, оцетот, шеќерот со векови се користат како конзерванси

Колку несвесно ги внесуваме адитивите и преку други прехранбени роизводи? Дали ги има во сѐ што е фабрички произведено – кекси, колачи, чипс…?

– Употребата на адитиви во современата прехранбена индустрија е неизбежна и незамислива. Адитивите се додаваат за да се одржи или подобри свежината, вкусот, изгледот, текстурата, т.е. органолептичките својства на производите, како и да се продолжи нивниот рок на траење. Кога зборуваме за адитиви, не секогаш тоа значи дека се работи за хемикалии кои асоцираат на штетност по здравјето. На пример, некои прехранбени адитиви се користат со векови во својство на конзерванси, како што се солта, оцетот, шеќерот. Има адитиви кои се деривати на растенија, животни, адитиви од минерално потекло, како и синтетички адитиви. Освен тоа, употребата на адитивите е строго контролирана со законски прописи, а производителите се должни да ги наведат во листата на состојки сите употребени адитиви во даден производ. Во секој случај, светските, а и нашите национални препораки за правилна исхрана се да се намали внесот на високо преработената храна, а да се зголеми консумацијата на свежи прехранбени производи. Доколку се придржуваме кон овие препораки, и количината на адитиви кои ги внесуваме со храната ќе биде помала.

Испитани 86 мостри леб во 2018 година

– Во 2018 година се испитани 86 мостри леб, а од јануари досега вкупно 58, кои се испитувани за квалитет и безбедност, вклучувајќи и микробиолошка исправност. Ниту една од испитуваните мостри не отстапува од пропишаните барања во соодветните Правилници. Не сме имале ниту една пријава за присуство на туѓи тела во леб, но такви податоци може да имаат во АХВ, евентуално, доколку некој потрошувач пријавил или се пожалил – вели д-р Димитровска.

Поголемиот број примероци кои се анализирани во лабораториите на Институтот се донесени од пекарски компании кои анализите ги прават за нивни сопствени потреби, а многу мал дел се доставени од АХВ.

Во лабораториите на ИЈЗ главно се доставуваат примероци од увоз, а лебот кој се пласира на пазарот кај нас е од домашно производство.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Пливањето го подобрува учењето

saso user

Ако имате седечка работа, јадете ја оваа храна

saso user

Денеска е денот за…

saso user