Број на текстови објавени денес: 60
Бизнис

Се рехабилитира патот Куманово-Свети Николе

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, денеска извршија увид на текот на рехабилитација на регионалниот пат Куманово-Свети Николе.

Првите десет километри од патот веќе се завршени со претходен проект, а во моментов се работи на 32 километри асфалтирање на патот.

Сугарески изрази задоволство од динамиката на изградбата на патната инфраструктура во државата, а за Куманово рече дека се инвестираат околу 60 милиони евра дел во патната инфраструктура, дел во комуналната инфраструктура.

–  Во моментов се работи на преку 550 километри патна мрежа низ државата, тоа е видливо, граѓаните можат да го видат и што е најбитно може да го почувствуваат, бидејќи се подобрува патната инфраструктура – изјави Сугарески.

Тој рече дека е предвидено да се реконструираат уште 450 километри и до крајот на сезоната се очекува преку јавното претпријатие, по различни основи, кредитни линии и изворни средства преку Македонија пат, целосно да се подобри патната инфраструктура.

– Тука сакам да потенцирам дека се интензивирани активностите во делот на железничката пруга Куманово-Бељаковце, очекуваме некаде на почетокот на следната година тој дел да заврши и од наредната година веќе да отпочне градењето на втората делница Бељаковце до Крива Паланка. Остануваме посветени, се надевам дека се она што е планирано согласно буџетите, согласно буџетот на ЈПДП дека навистина ќе бидат реализирани сите активности предвидени во владината програма – изјави Сугарески.

Директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Китанов рече дека овие патишта не се реконструирани педесет години.

– Патот Куманово-Свети Николе од 42 километри, десет километри комплетно е завршен, 15 километри е завршен со прв слој на асфалт, а од следната недела се почнува целосно со вториот слој – изјави Китанов.

Рокот за реконструкција бил предвиден до на пролет, но изведувачите ги информирале дека ќе биде завршена порано.

Китанов нагласи дека околу Куманово се рехабилитираат околу 100 до 120 километри, регионални патишта, меѓу нив патот Куманово-Опае е завршен и се чека да се постави сигнализацијата, 10 километри од Пелинце- Нагоричане се завршени, а до крајот на месецов ќе се изградат петте дополнителни километри до граничниот премин.

Се работи и на патот Куманово-Никуштак, отпочната е реконструкцијата Ранковце-Крива Паланка, кон крајот на август, најави Китанов, ќе заврши тендерот и ќе почне да се работи Страцин-Ранковце, а од септември-октомври ќе почне да се работи и Куманово-Страцин кој се спроведува преку ИПА и ќе заврши согласно временските услови.

– Комплетно ќе биде завршен и делот од Куманово до Крива Паланка и делот од Куманово до Свети Николе и како што напоменав, и Опае-Никуштак, Матечје-Липково ќе бидат завршени оваа градежна сезона – рече Китанов.

Тој најави дека ќе се реконструираат и мостови кои не биле рехабилитирани со децении, напомнувајќи дека во моментов тендерска постапка тече за мостовите на Пчиња кај Доброшане и кај Драгоманце.

– На градежниот факултет завршува ревизијата за рехабилитација на големиот Искрин Мост кој е многу обемен. Предвидената вредност ќе биде околу два, два и пол милиони евра, бидејќи се работи за обемна реконструкција – изјави Китанов.

Гребениот асфалт, додаде Китанов, се користи од градоначалниците за тампонирање на патишта во руралните средини.

Кумановскиот градоначалник, Димитриевски рече дека во Куманово вакви инвестиции немало одамна.

Димитриевски потенцира дека интензивно се гради трасата на коридорот за пругата, која поминува низ градот, дека се реконструирани два моста, а сѐ уште се рехабилитира мостот пред влезот на населбата „Перо Чичо“.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Коха: ДУИ бара Бесими да стане гувернер, а Бежовска министерка за финансии

saso user

Заев и Тевдовски ги убедуваа пратениците дека растеле производството и платите

saso user

Од денеска достапни 75 милиони евра за компаниите

saso user