Број на текстови објавени денес: 60
Бизнис

Солени цени на зелените пазари

Наместо на килограм, граѓаните купуваат зеленчук и овошје на парче. Цените на зелените пазари, велат граѓаните се како за во зима, а не во лето кога зеленчукот и овошјето стасува на домашните ниви. Производителите на градинарски култури велат дека од година во година сѐ помалку произведуваат, а нивниот производ се откупува по ниски цени. Прекупците кои продаваат на тезги си ги формираат цените по сопствен есап.

– Ех, ако не по друго по цените на доматите и пиперот сме Европејци. Среде лето, доматите се по 50, 60 до 100 денари за килограм, кромидот сега стигна од 35 до 40 денари, претходно беше и 50, 60 денари, краставиците никогаш не биле поскапи во лето – не се спуштија под 40 денари, а знаат да бидат и 50 и 60 зависи на кој пазар ги купувате. Единствено компирот е нешто поевтин. Како да сме во земја каде што нема услови за производство на градинарски култури – вели граѓанин.

Пензионерка, пак, вели дека веќе купува како во маркет на парче.

– Неколку домати, пиперка, по еден кромид колку да има за салата за ручек. Нема веќе килограми и најлончиња да не можеш да ги однесеш дома. Сѐ е скапо. Од сѐ по малку, па ако имаш пари за утре ќе купиш, ако не ќе прескокнеш неколку дена – вели таа.

Граѓаните се изненадени и од тоа што веќе не можат да купат од познати производители, оти ги нема по пазарите.

– Порано на пазаров купував од исти луѓе, држеа тезги и продаваа сопствени производи. Кога ќе ги купиш се знаеше дека се природни. Мирисаат на домат, пиперка, кромид. Сега нив ги нема, па секој ден од различни тезги купувам. Некогаш има добар квалитет некогаш лош. Ќе ги дадеш парите, а дома ќе јадеш дрвен домат – вели граѓанка.

Ристо Велков од Синдикатот на земјоделците од струмичкиот регион вели дека намаленото производство на градинарски култури и тоа што производот се прекупува неколку пати влијае на високите цени на овие производи.

– Доматот се откупува по цена од 15 денари, иако има производна цена од 20 денари, пиперот оди малку повисоко до 30 денари, но зависи од денот. Очекуваме индустрискиот да достигне повисока цена. Краставиците имаат најдобра цена моментално од 40 до 70 денари, но ги нема. Откупот по цени пониски од производните од година во година направија земјоделците да го намалат производството. Сега површините ги засадуваме со различни култури со надеж дека ако загубиме кај една ќе добиеме кај друга, но тешко – вели Велков.

Тој смета дека цените на производите на зелените пазари ќе растат и во наредните години, оти производителите не го продаваат производот директно на пазарите, туку на откупувачи, а она што е на зелените пазари се прекупува по неколку пати.

– Но тоа не е главниот проблем. Проблемот е во тоа што ние сѐ помалку произведуваме. Површините останаа незасеани. Тоа се случува со години наназад – вели тој.

Поради лошите услови, додава тој, младите не се интересираат за земјоделство.

– Останавме само земјоделци постари од 50 години. Младите заминаа за подобар живот. Италија, Словенија Швајцарија, се едно, барем ќе можат подобро да живеат. Сето ова е резултат на земјоделската политика што со години се води кај нас. Нема стратегија за нејзиниот развој. Со субвенции не се прави земјоделство, треба повеќе од тоа. Се плашам дека ќе се доведеме до состојба кога никој нема да произведува за на пазар. Увозот ќе расте, квалитетот не знам каков ќе биде, а цените ќе бидат уште повисоки – вели Велков.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Како до брза и точна информација?

saso user

„I need North Macedonia” ќе биде новото туристичко лого на земјава?

saso user

За да се заработува од отпад, тој прво мора да се селектира и редовно собира!

saso user