Број на текстови објавени денес: 60
Здравје

Сања Бајалска: Зборувајте за работата на вашите црева, не се срамете!

Пред неколку дена на својот Фејсбук профил, скопјанката Сања Бајалска напиша:

„Рак на дебело црево најлесно се спречува ако се оди на време на колоноскопија, ако не, тогаш тој е на второ место по смртност после ракот на бели дробови. Не знам како е решено законски, но матичните треба да ви укажат и да ве испратат на специјалист после 50-тата година.

Во многу земји веќе се бара да се намали таа старосна граница.

Не се срамете од ништо и зборувајте за работата на вашите црева, за хемороидите, подуеноста, заморот, слуз ….. Раното дијагностицирање, спасува животи.

И прочитајте го пак моето интервју, можеби ќе спасите нечиј живот“, напиша Сања.

Интервуто со неа го направивме минатата година, а во меѓувреме, Сања се бори со болеста и наоѓа доволно енергија и сила и е постојано активна на својот Фејсбук, апелирајќи за зголемување на свесноста за потребата од превенција од рак на дебелото црево.

Понатаму таа објавува статија од британката Дебора, активистка, која има само 37 години и метастатски рак на дебело црево.

Дебора ја поддржува кампањата за спуштање на старосната граница за скрининг на 50 години, возраст која смета дека е реалниот праг за појава на оваа болест, иако неа ѝ бил дијагностициран на 35 години.

А Сања е една од ретките, можеби и единствената кај нас која јавно проговори и кажа дека боледува од рак на дебелото црево, болест за која оние кои страдаат од неа, за разлика од, на пример, страдалниците од рак на дојки, не сакаат да зборуваат.

Во меѓувреме, борбата на Сања трае. Утре е точно една година од нејзината прва операција, а во меѓувреме таа и покрај терапијата доби метастази кои се раширија на нејзините бели дробови, црниот дроб, јајникот, стомачната марамица.

Од тогаш до денес таа прими шест дози од првата хемотерапија (Кселокс протокол – оксалиплатин + капецатибин), а денеска почнува со десетата доза од втората хемотерапија (Фолфири протокол – иринотекан + 5фу). Имаше и операција со која ѝ беше отстранет јајникот и 4 метастази од стомачната марамица.

Токму од таму, од болничкиот кревет, Сања ни раскажа што ѝ се случувало во меѓувреме и во договор со неа, бидејќи сака нејзиниот апел за навремено откривање и превенција од рак на дебелото црево да допре до што поголем број на луѓе, го преобјавуваме нејзиното интервју за Плус инфо.

Сања Бајалска.  Ова е едно од оние имиња кои ми се блиски. Се знаеме од основно. Не сме се дружеле многу, но со оглед на тоа што сме двете „тафталиџанки“, освен оние неколку години кои Сања ги помина живеејќи и работејќи надвор од државата, секогаш сме се гледале одвреме навреме, макар случајно, на улица или пак кај другарка ни Кате, на роденден. Сања е многу креативна и изработува преубав накит, па последниве неколку години почна да го продава во својата продавница во ТЦ „Лептокарија“.

Додека барав фустан за свадбата на син ми поминував покрај нејзиниот дуќан, во кој видов дека почнала да продава и фустани, па ме нервираше зошто дуќанот не е отворен, но не ѝ се јавив да прашам што е работата. И годинава првпат Кате не не собра за роденденот, но се видовме неколку дена подоцна. Не зборувавме за Сања. Ете, не падна муабет. Пред неколку денови добив од Сања порака: „Случајно ми излезе некој линк на ајурведа. Каде си со работа сега? Поздрав. Сања“.

Ми кажа дека има некоја идеја, дека не е ништо итно и дека сака да се слушнеме кога ќе можам. Се слушнавме. Сања ми кажа дека има рак на дебелото црево и дека сака да пишуваме за тоа, за да им помогне на другите, на сите оние кои можеби и имаат некои симптоми, но ги занемаруваат, на сите оние кои кога ќе видат крв во столицата, си велат, „ништо страшно, тоа се само хемороиди“.

Денеска излегов со Сања. Нормално, се видовме во „Лептокарија“. Јас пиев кафе, а таа цеден сок од портокал. Изгледаше добро, исто како и секогаш. Само темата на муабетот овојпат беше сосема поинаква.Сакам да зборувам за ова затоа што сфатив дека овој тип на рак кај нас е табу тема. Немам ништо против да се зборува за рак на дојка и за рак на матка, но мислам дека треба да се посвети внимание и на другите типови рак, особено на ракот на дебелото црево за кој гледам дека најмалку се зборува. Според информациите од Светската здравствена организација, токму ракот на дебелото црево е втор причинител за смрт, веднаш по ракот на белите дробови.

Јас веќе заглавив и ќе си ја тргам маката сѐ додека не заздравам, но важно ми е да направам сѐ за да се крене свеста кај луѓето за овој вид на рак кој практично, ако се открие навреме, е тип на рак што најлесно се превенира со вадење на полипите преку интервенцијата наречена колоноскопија. За сите други видови на рак е потребна операција. Затоа е навистина многу битна превенцијата.

Јас секоја година, редовно одам на мамографија и на гинеколог, но за ова не знаев ништо. Сега знам сѐ, но предоцна….сега, наместо да отидев и со колоноскопија да ги решев полипите кои сигурно сум ги имала пред да се претворат во рак, морав да одбирам помеѓу Сцила и Харибда, да примам хемотерапија или да експериментирам со алтернатива па да видам што ќе се случи. Јас ја одбрав хемотерапијата – ја почна Сања својата приказна.

Кога е столицата крвава, не велете си себеси: тоа се само хемороди!

Пред 7 години бев во Белград кај една другарка која ме однесе на акупресура (традиционална кинеска медицина), кадешто ми кажаа да си проверам да не имам рак на дебело црево. Се разбира, не го сфатив тоа сериозно, но веројатно ми остана во потсвеста иако се трудев да го потиснам. Не велам дека до толку можела мојата потсвест да влијае врз развојот на болеста, но не го исклучувам ниту тоа, како што не можам да исклучам ниту дека уште тогаш сум имала таков проблем, но помал од подоцнежниот со оглед на тоа што, како што дознав откако ми го извадија туморот од 6 сантиметри, за да се развие до таа големина, биле потребни околу 10 години.

Како и да е…

Пред 2 години првпат забележав дека имам малку крвава столица, но и јас како и другите луѓе ја направив истата грешка па си реков, ништо, сигурно се хемороиди. Ѝ кажав за ова само на сестра ми, таа ми викаше да одам на доктор, но со оглед на тоа што немав други симптоми, односно, имав редовна столица, ниту ретка, ниту тврда, таман таква каква што треба, сметав дека нема потреба за тоа. Е потоа веќе се појави друг проблем за кој можев да претпоставам дека е тоа што подоцна излезе дека е, симптом за рак на дебело црево, ама и на тоа се трудев да не мислам. А признавам, околу 7-8 месеци имав слузава столица. Тоа не ѝ го ни споменав на мојата матична лекарка, но му го спомнав на специјалистот во „8 Септември“ кај кого одам еднаш годишно за да ми препише лек за астмата. Тој веднаш ме прати на Гастро, кадешто под итно ми направија ехо и ми закажаа гастроскопија и колоноскопија.

Ми направија гастроскопија, а тоа кај нас се прави без анестезија и претходна подготовка. Да знаев како ќе биде можеби ќе земев барем еден диазепам од 5 мг за да ми се релаксираат мускулите, но никој не ми кажа ништо. Не се ни тие виновни, затоа што имаат по еден пациент на секои 15 минути, како на лента. Гастроскопијата ми беше многу стресна, ми кажаа дека имам гастрит и кила, па ја откажав колоноскопијата затоа што и таа ја прават без анестезија. Никој не ми кажа дека има и опција за колоноскопија со анестезија и дека доколку имам полип, истиот може да се реши веднаш, во истата постапка, а дека во спротивно, полипот може да премине во рак.

Многу работи тогаш не знаев па му кажав на докторот дека нема да одам на колоноскопија, а тој ми кажа: никој не може да те натера со сила да одиш, но ти препорачувам да го направиш тоа во рок од 6 месеци. Од тогаш поминаа 2 години.

Во јуни, летово, цело време стомакот ми беше отечен, огромен ми беше, па сите ми велеа дека сум се поправила. Јас гледав дека е отечен, а имав и проблеми со подригнување, но мислев дека причина за ова се моите проблеми со желудникот, иако сега знам дека потсвесно, цело време знаев дека имам рак на дебелото црево. Во јуни почнав да чувствувам и болки од десна страна, но подносливи, па си ги поднесував. Пологично ми беше да одам да се прегледам на гинеколог, отколку да одам на колоноскопија мислејќи дека е некој гинеколошки проблем.

Но не беше. Така дојде и јули.

Дијагноза, операција, соочување со болеста

На 12 јули бев на погреб кај мајката на една другарка. Седевме на клупа и таман дојде попот, станавме за да влеземе во капела кога почнав да се чувствувам чудно. Ѝ кажав на сестра ми, седнав на клупата и потоа не се сеќавам веќе ништо. Сум се онесвестила. Три дена потоа, бидејќи сѐ уште не се чувствував добро, читај, читај по интернет, на крајот решив да отидам на кардиолог имајќи на ум дека татко ми почина од инфаркт на 58 години. Сѐ беше во ред кардиолошки, па ме пратија на невролог, но никој не ме прати да направам крвна слика иако им кажав дека имам проблем со дебелото црево. После 1 месец повторно почнаа болките, но овојпат беа неиздржливи, до толку што викав на цел глас иако дома живеам сама. Отидов на ургентно, прво помислија дека е уринарен проблем, ми направија крвна слика, а  утредента вечер, повторно во истото време, болките пак почнаа со уште поголем интензитет. Се јавив кај мојот пријател, хирург и му реков дека доаѓам кај нив и не си одам додека не откријат што ми е. Беа тоа неиздржливи, ненормални болки. Тој беше дежурен ноќта, но ме дочека сабајлето и ми кажа: „не ми се допаѓа како ти изгледа стомакот“. Набрзина ме спремија, ме оперираа. Дебелото црево ми експлодирало, туморот пукнал, вистинска каша. Отпрвин не можеле ниту да видат што е проблемот. Дебелото црево било сосема блокирано од туморот голем 6 цм, за кој подоцна прочитав дека за да ја достигне таа големина треба да расте 10 години, а јас само една недела претходно немав добра столица, па незнам дали наеднаш пораснал или растел 10 години, но знам дека имаше симптоми кои требаше да ме натераат да одам порано да го направам потребниот преглед. Но и државата треба да направи нешто. На пример, колоноскопијата после 50 години во Словенија е задолжителна, и таму од 2009.година постои државна програма наменета за мажите и жените на возраст од 50 до 74 години. Учеството во оваа програма го покрива здравственото осигурување а се состои во редовно тестирање на скриена крв во столицата. Таквото тестирање овозможува откривање и отстранување на полипите односно, откривање на болеста во самата почетна фаза кога е таа целосно излечива.

Излегов од болница после 5 дена, не можев да доседам 8, колку што требаше, а кога се вратив за да ми ги извадат конците, ја слушнав и дијагнозата – рак на дебелото црево, трет стадиум, зафатени се околните лимфни и крвни садови. Морав да почнам со хемотерапија.

Мислам дека кога ќе се слушне ваква дијагноза, на човек во секунда му се менува карактерот. Барем кај мене беше така. Не велам дека е лесно да се прифати ваква дијагноза, напротив, многу е тешко, но од тој момент наваму јас комплетно се сменив. Не се нервирам повеќе за ништо. Можам да се насекирам за некој близок, за сестра, мајка, на пример, се секирам кога гледам колку е растргната сестра ми трчајќи од работа кај мене, па кај мајка ми, но ништо друго не може да ме изнервира. Ништо друго не е важно. Точно е дека пациентите со рак стануваат себични, но според мене, тоа е позитивно, па сметам дека и тие што не се болни треба прво да се гледаат себеси, а потоа сите други. Ако порано ми сметало тоа што има многу ѓубре наоколу, ако сум била премногу нервозна и под стрес, сега веќе ништо не ми е важно. Дефинитивно сметам дека и стресот има големо влијание врз појавата на ракот, па апелирам до сите да се трудат да се смират себеси и да не дозволуваат да бидат постојано под стрес.

Превенција и само превенција

Ќе помине сето ова, но поентата ми е дека мора да се работи на превенирањето. Иако, според возраста на луѓето со кои контактирам откако дознав дека имам рак, членови на една американска група за пациенти болни од рак на дебело црево, ниту задолжителната колоноскопија за пациенти над 50 години веројатно не е решение. Имено, меѓу пациентите од Америка има многу помлади луѓе, а не е правило ниту начинот на живот. На пример, во групата има и една Англичанка која добила рак на дебело црево на 35 години иако е вегетаријанка и води здрав живот. Како и да е, многу помагаат контактите со луѓе кои ја имаат истата мака, ама за жал, кај нас болните од овој вид на рак како да се кријат под земја. Не знам која е причината за ова, можеби им е непријатно со оглед на тоа што повеќето од нив, по операцијата на дебелото црево завршуваат со стома во која е врзано цревото, а со која можат да се случат многу незгоди. На пример, може да им пукне (и со која е тешко да се прилагодиш физички и писхички). Барем судејќи по разговорите меѓу таквите пациенти во таа група за која зборувам. За среќа, кај мене барем од тоа немаше потреба или пак имав среќа да ме оперира добар хирург кој успеа да го затвори дебелото црево иако ми е скратено за 20 цм. Сигурно дека стомата е дополнителен проблем и животот со неа е многу потежок, но животот е мил, па дури и оние на кои и после една година не може да им се затвори дебелото црево, туку мораат да живеат со стома до крајот на животот, на крајот се навикнуваат на сѐ.

Во меѓувреме, се обидов да најдам некој со слично искуство како моето за да можам да позборувам и да споделам со страдалец, но тешко е. Еве пред некој ден ме побара една девојка чиј татко го има истиот проблем, ме нашла на истата таа група за која зборувам, американската, и таа ми го кажа истото: не познавам никој друг што има рак на дебело црево, сакам да позборувам со некој со истиот проблем!

Хемотерапијата, и лек и отров

Сега се лекувам. Еден ден примам течна хемотерапија со оксалиплатин, која е многу јака па сите се жалат, но ако на други им е лошо 4-5 дена, мене ми е лошо цели две недели, затоа што 14 дена примам таблети. Потоа се прави една недела пауза и потоа сѐ од почеток. После шестата хемотерапија треба да ме снимаат, но веќе ми кажаа дека веројатно ќе ми требаат 8.

Хемотерапијата е лек, но и отров па така, има многу последици. Многу ми помогнаа членовите на групата со некои совети кои ми беа неопходни додека ги примав првите две хемотерапии. На пример, ме советуваа неколку дена по терапијата да го отворам фрижидерот со ракавици, да користам пластични вилушки и лажици наместо метални и други нешта. Имено, првите денови по хемотерапијата не смее да се пипне ништо ладно, нервите се оштетуваат. Делува и на мускулите и нервите во грлото па после и за време на хемотерапијата не можам да се напијам ниту нешто што е на собна температура, а не пак поладно. Можам само млаки течности, секако, и тоа само кога немам мачнини. Ако се напиеш ладна вода или ако допреш нешто ладно, чувствуваш како струја да те удрила, се оштетуваат и нервите на прстите на рацете и на нозете, кај некои и трајно.

За време на втората терапија, уште додека ја примав течната доза, веднаш почнав да чувствувам последици во грлото, и при крајот почнаа рацете да ми се тресат, мускулите да ме болат, видот ми се замагли, навистина страшно чувство.

Од оваа терапија косата многу малку паѓа, но верувајте дека во ваква состојба таа е најмалиот проблем. Подобро нека падне целата, но да поминам полесно. Во моментов правиме пауза поради лекување на хеликобактерот бидејќи ме болеше и желудникот па решија прво да го излечиме ова па да продолжиме со хемотерапија.

Пораката на Сања

Сакав да го кажам сето ова заради сите луѓе, за да се подигне свеста кај луѓето за превенција, па над 50 години сите да го направат барем  оној првичен тест за скриена крв во изметот, дури и ако немаат никаков проблем. Подготвив и еден флаер, па предлагам да се најде некој што ќе помогне да биде испечатен и барем на овој начин да се обидеме да влијаеме на зголемување на превенцијата. Сакам да ставам акцент на превентивата затоа што посакувам и мене некој пред две години да ми кажеше дека од полип настанува рак, дека не е страшна колоноскопијата и дека постои опција да се направи со анестезија, или барем некој да ми го споменеше тој тест за скриена крв во столица, сакам повеќе да се зборуваше за тоа. Сите за рак на дојка зборуваат а за другите типови рак, многу помалку се зборува, па логично е што и има многу помалку информации.

Јас чувствував толку голем замор што мислев дека сум депресивна и дека е тоа дел од периодот низ кој минувам, климаксот, всушност, имав неколку од набројаните симптоми, но сепак одбивав да верувам дека токму мене може да ми се случи тоа.

Не знам дали е генетски, но кога еден член на семејството има рак на дебело црево, им се советува на најблиските да се проверат и самите. Многу е битна и храната, пред се, редовна исхрана. Јас не се хранев редовно, напротив, јадев еднаш во денот. Сега јадам на секои два часа по малку, токму како што велат дека треба, но сега е сѐ – пост фестум – ја завршува Сања својата приказна.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

„Што е тоа бело нешто што минува низ ѕидот?“

saso user

Јогурт и половина лажичка куркума: Комбинација што го чува мозокот, крвните садови и витата линија

saso user

Црното чоколадо делува слично како канабисот и го намалува ризикот од депресија

saso user