Досие Македонија Топ вести

ЕКСКЛУЗИВНО Сведокот две години бескрупулозно рекетиран, но храбро одлучил рекетарите да ги „врзе“ во крпче!

Без намера да ѝ наштетам на истрагата што денеска ја објавија обвинителите Љубомир Јовески и Вилма Русковска, по апсењето на две лица што ја возбуди јавноста, преземајќи обврска да ја испочитувам презумпцијата на невиноста на осомничените, но и со јасна намера да не го соопштам идентитетот на сведокот-жртва, ќе ви раскажам детаљи за милионскиот рекет за кој денеска стана збор. Тие информации ми се познати веќе извесно време, но се воздржував јавно да ги соопштам, токму со цел да не ѝ наштетам на истрагата.

Жал ми е што пак ќе раскажувам без конкретни имиња – овој пат и без псевдоними – но мислам дека читателите лесно ќе разберат за кого станува збор. За идентитетот на двете приведени лица веќе јавно се говори. Можеби и официјално ќе биде потврден уште вечерва. Сведокот е македонски бизнисмен, кој во случајот е жртва на нивните рекетарски притисоци. Според обвинителката Русковска, тој на рекетарите веќе им исплатил околу 1,5 милиони евра. Рекетарите се пријатели со еден познат, популарен и јавно воспеван јавен обвинител, од кого се очекуваше да ја донесе правдата во Македонија. Моите информации се дека тој, всушност, е мозокот на операцијата, но тоа допрва треба да се докаже.

Имам и други информации, за кои истрагата веројатно води есап. Освен обвинителот, за кој по втор пат тврдам дека е мозокот на операцијата, во случајот е заплеткан уште еден друг обвинител, но од истото обвинителство. На двајцата рекетари им помагаат и видни политички личности (кој ме читал, знае кои се), но и личности од јавниот живот. Некои со знаење што всушност се случува, некои можеби наивно. Да не ги заборавиме и нив. Моите информации се дека обвинителката Русковска лесно, по дифилот всушност, ќе докаже дека во случајов освен рекет и изнуда, имаме и злосторничко здружување. Едно многу опасно злосторничко здружение е тоа, почитувани читатели, против кое борбата мора да продолжи со засилено темпо.

Кога ќесето мора да се одврзе…

Во што се состоела играта? Двајцава рекетари (засега само двајца), повикувајќи се на своето пријателство со обвинителот (засега само еден), на сведокот-жртва му се закануваат дека за него имаат компромитирачки материјали и дека тие можат кај обвинителот да му обезбедат некаква „милост“. Безмалку цели две години трае тој рекетарски притисок врз жртвата. Патем речено, сведокот-жртва е само еден од неколкуте познати и видни македонски бизнисмени, кои се рекетирани на истиот начин – од нив се барани огромни суми пари, преку учество во разноразни „проекти’ и „бизнис-зделки“, а наградата требало да биде тоа што семоќниот обвинител (чиј статус во јавнообвинителскиот систем, патем речено, не е решен) против нив немало да покренува истраги и обвиненија.

Во мојата денешна изјава за некои медиуми, јас апелирав бизнисмените кои биле таргет на рекетарските уцени јавно да сведочат, за да му се стави крај на ова зло. Во спротивно, еве јавно ветувам дека лично ќе ги опишам во моите „фиктивни приказни“, па целата јавност нека знае кои се. На ова зло, едноставно, мора да му се стави крајот – подобро е жртвите да станат сведоци во постапката против двете осомничени лица (и не само против нив, има и други по кои се трага), одошто самите да бидат осомничени за давање поткуп. Нека си размислат добро…

Да се вратам на случајот што сега го расплеткува обвинителката Русковска. Да повтотам, според неа, жртвата-сведок на рекетарската двојка ѝ дала неверојатни 1,5 милиони евра (според мои информации, повеќе), за да не биде подложен на местенките, конструкциите и филмчињата со кои популарниот и моќен обвинител ги обвинува, а судот како муви ги осудува осомничените во првите кејсови. Рекетарите нема така лесно и веднаш да дојдат до парите од жртвата. Но, гледајќи дека ѓаволот ја однел шегата, човекот сепак ќе го одврзе ќесето. Не претпоставувајќи дека двајцата осомничени, а особено оној во јавноста попознатиот, е бунар без дно, опасен перач и трошач на пари.

Колку и како платил сведокот-жртва, искрено, не сум прашал. Иако разговарав со него. Тоа е работа за истрагата, јас ионака не сакам да гледам во туѓи чекмеџиња. Но, нема дилеми дека плаќал дебело и кога во еден момент одбил да соработува во една „зделка“, сѐ уште не насетил дека нешто многу лошо ќе се случи. А и да насетел – што можело да стори, како да се извлече од таа опасна спирала?

Одмаздата на рекетарите

Овој клучен момент е некаде во септември лани. Тогаш, еден од осомничените, на својот профил на Инстаграм ќе објави слика од својот пријател популарен обвинител и ќе напише: „Се подготвува нешто големо и интересно“. Замислете – нешто големо и интересно…

Кратко време потоа, ќе дознаеме што е одмаздата на рекетарите. Обвинителот дури тогаш отвора „мега-случај“ против сведокот-жртва, при што неколку лица, вклучувајќи ја и жртвата, спектакуларно се уапсени. Злоупотребени се и неколку новинарски пера, за јавноста веднаш да ги осуди осомничените, без судење, пред воопшто да седнат на обвинителна клупа. А предистрагата за целиот случај е циркуз невиден – нема издржани докази за ниту едно извршено кривично дело. Впрочем, како и во речиси сите други случаи на популарниот обвинител, кои сега, откако неговата позиција и политички е проблематизирана, судиите охрабрено ги отфрлаат, еден по еден, поради лошо водени доказни постапки.

Поради недоразбирање околу поставените прашања на прес-конференцијата на Јовески и Русковска, се доби впечаток дека плаќајќи 1,5 милиони евра рекет, жртвата-сведок успеала да ја добие „милоста“ од спомнатиот обвинител. Но, вистината е дека тоа се нема случено! Со никаква „милост“ не возвратил обвинителот, за кого јас по трет пат кажувам дека е мозокот на операцијата. Уапсените во овој случај излегуваат на слобода со одлука на Врховниот суд, а популарниот обвинител, со неговите двајца подопашници – замислете! – продолжуваат да го рекетираат сведокот. Бараат милиони евра…

Како е документиран рекетот

Арно ама, сега охрабрен дека обвинителската монтажа сепак ќе падне и свесен дека позициите на рекетарската група веќе не се толку силни како порано (иако алчноста не им недостасува), жртвата одлучува да излезе од рекетарската спирала. Со посредство на една пријателска земја, за извршениот рекет се обезбедени многу цврсти, практично несоборливи докази. Нема бегање од тие докази! Од таа пријателска земја за сведокот-жртва е испратено и специјално лично обезбедување. За секој случај. И додека македонските органи на прогонот се соочуваат со доказниот материјал за скандалот, за милионскиот рекет, сведокот-жртва полека но сигурно почнува да се враќа во нормалниот социјален живот.

На мое инсистирање да ми каже кој, според него, стои зад овој случај на милионски рекет, човекот ме убедуваше дека тука нема политичка заднина или режија од сегашната влада, туку во целост станува збор за игра на поединци, рекетари, обвинители и судии.

– Мојата единствена намера е да ја санирам штетата што ми беше нанесена со монтираниот случај и негативните последици врз мојата лична репутација и врз бизнисот. Бев спремен за ова да проговорам и порано, но беше неопходно да се случат две битни работи: рекетарските притиспоци да се документираат со непобитни докази, што е сторено, а јавноста самата да се увери во вистинскиот неморал на овие рекетари и на нивниот ментор обвинител – ми рече жртвата.

Да ѝ се верува или не?

Просудете сами… Но, смелоста, одлучноста и жестината со кои органите на прогонот ја поведоа акцијата за расветлување на овој случај, како и повикот на обвинителката Русковска и другите жртви да проговорат и да сведочат за мега-рекетот, веројатно е сигнал за тоа дека сведокот-жртва можеби е во право и дека кај власта сѐ уште постои цврста волја да се отстрани „дивото месо“ на корупцијата, која, ете, почнала да царува и таму каде што најмалку смее да се појави.

Да видиме дали е тоа така. На потег е правдата.

Автор:  Бранко Героски

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

МОСТ: Излезноста до 13 часот е 21,3 отсто

saso user

Катица Јанева да се изземе од „Т.Н.Т.“ бара ексградоначалникот на Гази Баба

saso user

Во Струга одбележана 10 годишнина на Школата за млади лидери на претседателот Иванов

saso user