Број на текстови објавени денес: 36
Македонија Топ вести

Пендаровски во Брисел: Имаме слабости, ама најефикасни сме кога имаме предизвик

Европската Унија има историска можност да покаже лидерство и визија за иднината на нашиот регион со тоа што ќе ѝ додели датум за преговори на Северна Македонија. Граѓаните на Северна Македонија не бараат незаслужена награда, туку заслужена шанса за изградба на европска држава со праведно, хумано и напредно општество, изјави претседателот Стево Пендаровски, денеска во Брисел по средбата со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Пендаровски во името на сите граѓани му се заблагодари на Туск за огромната и безрезервна поддршка на претседателот на Европскиот совет и за неговите лични заложби и напори за добивање на датум за почеток на преговорите за Северна Македонија.

Двајцата соговорници се согласија дека во изминатите две години, државата донесе тешки и храбри одлуки за многу чувствителни прашања и покажа како можат да се решат отворените прашања во регионот во духот на добрососедството.

На прес конференцијата, претседателот на Европскиот совет Туск рече дека договорите што ги постигна Северна Македонија со Бугарија и со Грција се историски и можат да бидат пример во регионот. Туск посочи дека државата направила сѐ што треба и сѐ што се очекувало од неа и дека местото на Република Северна Македонија е во Европската унија.

– Мојата прва меѓународна посета како претседател на Република Северна Македонија се разбира дека има голема симболика и не е случајно одбран токму Брисел. Најмногу затоа што Европската Унија и НАТО е изборот кој го направија огромното мнозинство наши граѓани. Пред само две недели го добивме најдобриот, најпозитивниот Извештај од Европската комисија за напредокот на нашата земја. Не само што добивме чиста и безусловна препорака за отпочнување на пристапните преговори, туку бевме посочени и како светол пример на Западниот Балкан. Потпишувајќи ги Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Преспанската спогодба со Грција се ослободивме од товарот од минатото. Северна Македонија е единствена држава во регионот што веќе нема отворени прашања со своите соседи. Северна Македонија редовно испорачува добри вести во регионот во изминативе две години. Свесни сме дека се потребни уште реформи и се согласувам дека имаме слабости и дека ни претстои уште многу работа. Но, морам да истакнам една балканска политичка реалност – ние сме најефикасни тогаш кога имаме пред нас конкретни задачи. А, преговорите за членство се најдобрата реформска алатка – изјави Пендаровски.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Костовски до Мијалков: Да не ги уништевте системите можеби и ќе имав докази

saso user

Во дом на охриѓанец пронајдени 7543 парчиња пиротехнички средства

saso user

Шестмина приведени за несреќата кај Ласкарци

saso user