Број на текстови објавени денес: 41
Бизнис

Исклучените од парно со купишта документи ќе докажуваат дека во становите живеат роднини и кираџии

Исклучените од парно во чии станови живеат кираџии или членови на нивното семејство  барањето за ослободување од плаќање паушал треба да го достават во Регулаторната комисија за енергетика наместо во компаниите снабдувачи со топлина. Тие пред регулаторите ќе треба со документи да докажат дека во нивниот стан живеат нивни роднини или потстанари. Регулаторите потоа за донесената одлука ги информираат компанијата снабдувач и граѓаните со што се завршува постапката.

Правилата за снабдување со топлинска енергија кои го регулираат и правото на исклучените да не плаќаат паушален износ за греењето не ги опфаќаат кираџиите и роднините на сопствениците на станови, па затоа Регулаторната комисија одлучи ова прашање да го реши преку поднесување на барањата кај неа.

Сопствениците на становите во кои живеат нивните родители или членови на семејство со унифицираното барање треба да поднесат: лична карта на увид, имотен лист не постар од еден месец, извод од матична книга на родени на лицето што живее во станот, или договор за издршка доколку во него живеат родителите,  како и сметки за платена струја и други режиски трошоци за да се види дека некој живее во станот и да наведе на каков вид енергија се греат.

За кираџиите покрај овие документи треба да достави договор за закуп.

-Регулаторната комисија ќе го прими барањето ќе го разгледа и за конечното решение ќе ги информира компаниите снабдувачи со топлинска енергија и граѓанинот кој го поднел барањето и со тоа завршува постапката – вели директорот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски.

Граѓаните кои со години чекаа да биде донесена одлука да не плаќаат паушален износи за парното бидејќи се исклучени, сега  реагираат дека постапката се комликува кога во становите им живеат нивните роднини, најчесто родителите или децата. Велат дека сега покрај тоа што се шетаат од  БЕГ до Регулаторната комисија треба да поднесат дополнителни документи.

– Едвај дочекавме да го укинат надоместокот за парно, кога во БЕГ ни кажуваат нови правила – сопственикот на станот требало да живее на таа адреса, па требало да ја смени и личната карта, имотен лист не постар од 30 дена и друго. Како досега кога сиве овие години плаќавме надоместок не им пречеше што сметката гласи на друго лице, на родителот? Еве сега ќерката ни живее во стан каде нема пријавено парно, па добро е што од Регулаторна комисија појаснија дека сопругот не мора да вади нова лична карта, туку со извод и имотен лист ќе може да се докаже сродството. Мора документи да се приложат, в ред, но барем поедноставно да биде – вели скопјанката Љ.П.

Според Правилата за снабдување со топлинска енергија, сопственикот кој живее или го користи објектот  кој е исклучен од системот за централно греење, е обврзан тоа да го докаже со приложување на валиден документ (лична карта и имотен лист), и нема обврска да го плаќа надоместокот за ангажирана топлинска моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија.

Надоместок за парното ќе плаќаат само граѓаните чии станови се празни.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Васко Ковачевски е нов генерален директор на ЕСМ

saso user

МТСП: Социјалните работници имаат клучна улога во креирањето на позитивните општествени промени

saso user

Осигурителниот пазар лани достигнал највисок раст

saso user