Број на текстови објавени денес: 55
Бизнис

ЕВН Македонија главен промотор на дуалното образование

Соработка и активности за промоција на средното стручно образование со цел подобри практични вештини и способности на учениците што ќе им помогнат да бидат конкурентни на пазарот на труд, најавија денеска министерот за образование и наука Арбер Адеми и директорот на електроенергетската компанија ЕВН Македонија Штефан Петер.

Адеми и Петер потпишаа меморандум за соработка со кој се формализираат тековните и идни активности за поголема промоција на средното стручно образование, како и за развој на предлози и примена на мерки што ќе ја унапредат соработката на државата и приватниот сектор.

Министерот Адеми истакна дека ЕВН Македонија е партнерска компанија со која се воведени бројни мерки, практики и иновативни образовни решенија кои се покажале како успешни и ефективни за квалитетот на знаење на учениците кај нас.

– ЕВН Македонија први почнаа да го спроведуваат концептот на дуално образование во партнерство со средното техничко училиште „Михајло Пупин“ во Скопје, а од новата учебна година таква соработка почнуваат и со средното училиште во Гостивар каде исто така се воведува тој концепт со една паралелка. Доделуваат стипендии за ученици и студенти од областа на стручното обарзование, финансираат набавка во опрема на училиштата, примаат вработувата млади кои ги обучиле. Нивниот пример треба да го следат и останатите компании – рече Адеми.

Според него, соработката со приватниот сектор на среден и долг рок ќе го подобри квалитетот во образованието од кое зависи степенот на подготвеност за работа на идните генерации. Верувам дека потпишувањето на меморандумот ќе поттикне и други претставници на бизнис секторот да се вклучат во остварувањето на заедничките визии и заложби за градење квалитетен и конкурентен образовен систем, посочи Адеми.

Директорот на ЕВН Македонија им порача на родителите и децата да донесат вистинска одлука и да пополнат едно од местата во стручните училишта.

– Ќе ве научиме како да бидете електромонтери, но тоа не значи дека цел живот треба да останете тоа. Тоа е само почеток на вашата кариера. Некогаш сте електромонтер, некогаш сте електротехничар, може да напредувате, не само во ЕВН, туку и во други компании, и да ја продолжите вашата кариера како планер на мрежа, електроинжинер, а некогаш и да бидете директор на компанија како мене – рече Петер.

ЕВН Македонија со проектот 20-20-20 што го почна пред две години во средното училиште „Михајло Пупин“ нуди пракса за учениците и вработување во компанијата со плата од 20.000 денари.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Да се „подмачка“ договорот: Кина купува 50 милиони литри виски од САД

saso user

„Дрекслермајер“ не се повлекува од Македонија

saso user

Боинг прикривал информација за слабости во авионите

saso user