Свет

Вилијам Бар одби да сведочи за вмешаноста на Русија во претседателските избори во САД

До последен момент не се знаеше дали државниот обвинител Вилијам Бар ќе го промени ставот и ќе се појави да сведочи пред Комисијата за правосудство на Претставничкиот дом за извештајот на специјалниот советник Роберт Малер за вмешаноста на Русија во претседателските избори во САД.

Бар сепак, како што беше најавено во текот на вчерашниот ден, не се појави, иако Комисијата заседаваше. Ова уште повеќе ги зголеми тензиите помеѓу демократите и републиканците.

Политичките пораки од страна на претседателот Доналд Трамп и на истакнати републиканци беа јасни – не постоел заговор со Русите за интервенции во изборниот процес и не се вршело опструкција на правдата. Претседателот ова го повтори синоќа во интервју за телевизијата „Фокс Њуз“.

Некои демократски конгресмени како Џером Надлер, претседател на Комисијата за правосудство, побараа и сослушување со самиот Малер, кој, според него бил пoвикан да сведочи на 15 мај.

– Тие завршија со истрагата на Трамп. Готово е – изјави Линдси Грем за „Си-Би-Ес“, раководител на сенатската Комисија за правосудство.

Лидерот на мнозинската група во Сенатот беше уште покатегоричен.

– Се истражуваше заговор, но заговор не се најде. Нема покренато обвиненија против претседателот или било кој друг и сметам дека на американскиот народ му е доста од сето ова – изјави тој.

Од Министерството за правда вчера соопштија дека планот на претседателот на Надлер, државниот обвинител Бар да биде испрашуван од вработените е „несоодветен“, додавајќи дека главниот обвинител е подготвен да одговори само на директни прашања од конгресмените.

Надлер и демократските конгресмени, незадоволни поради тоа што Бар наводно избегнувал да даде конкретни одговори на многу прашања од сенаторите за време на сослушувањето во средата, планираа сослушувањето на Бар пред нивната Комисија да биде во стил на судски претрес, со дополнителни потпрашања од правни лица.

Бар се согласи да биде испрашуван од конгресмените но не и од правници и во текот на вчерашниот ден не се појави на сослушувањето.

Во меѓувреме, „Вашингтон Пост“ дозна дека Малер во неколку наврати писмено и усно му забележал на државниот обвинител дека скратената верзија на извештајот на Малер не ги отсликува деталните наводи и докази во извештајот од 448 страници, по што се создало „конфузија во јавноста“. Малер доставил свој текст, што требаше да се лиферува во јавноста пред да биде објавен цензурираниот извештај. Но Бар претпочитал тоа да се стори поинаку.

Откако се дозна ова демократите повикаа Бар да си даде оставка поради манипулација со објавувањето на скратената верзија од извештајот на Малер на само четири страници кога истрагата заврши, за Трамп „да биде ослободен од одговорност“. За спикерката на претставничкиот дом, Ненси Пелоси, таквото однесување на Бар е „криминално“, додека за Надлер пак, бојкотот на Бар е дело на „диктаторот Трамп“.

Бар во средата неколку часа сведочеше пред Сенатската комисија во врска со заклучокот дека Малер не донел дефинитивен став и не подигнал обвиненија за опструкција на правдата и за неговиот надзор и интервенции во постапка со објавувањето на извештајот на Малер.

Фото: EPA-MICHAEL-REYNOLDS

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Бизарен велигденски ритуал на Филипини ГАЛЕРИЈА

saso user

Повеќе од 3.000 здравствени работници во Кина се заразени со коронавирусот

saso user

САД повикуваат на санкции спрема Турција ако ги купат руските ПВ-системи С-400

saso user