Број на текстови објавени денес: 111
Македонија

Кој троши државни пари за партиски есап среде кампања?

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека власта арчи државни пари во кампањата за претседателските избори и до Државната комисија за спречување на корупцијата, поднесе нови приговори за кршење на Изборниот законик и на Законот за антикорупција и судир на интереси.

Во Антикорупциската комисија велат дека во среда ќе ги разгледуваат сите приговори на опозициската партија кои исклучиво се однесуваат на изборната кампања, а на седницата е поканет и градоначалникот на општината Гази Баба Борче Геогиевски, кого ВМРО-ДПМНЕ го обвини дека среде кампања со општински пари ќе го плати обезбедувањето на сите училишта и градинки, што од почетокот на учебната година е пракса во сите училишта.

– По иницијатива на градоначалникот, општината Гази Баба, ги ослободува родителите од плаќање. Тоа е класично кршење на членот 8-А од Изборниот законик и членот 34 од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси. Во предизборен период, по распишани избори, општината носи одлука за исплати од сопствени средства кои не се редовни – обвини Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Градоначалникот Борче Георгиевски за Плусинфо вели дека ќе присуствува на седницата на Антикорупциската комисија, каде што детално ќе објасни дека тврдењата на опозициската партија не се поткрепени со аргументи.

– Не се точни информациите на ВМРО-ДПМНЕ дека Општината преку прес конференција информирала дека ќе го плаќа обезбедувањето во 11 училишта и градинки. Таква информација во јавноста во изборниот период не е објавена – вели Георгиевски, според кого нема вистина ниту во тврдењето на опозицијата дека преку популизам го прекршиле Изборниот законик.

Тој објаснува дека општината во моментов ги довршувала активностите по распишан тендер неколку месеци пред да се распишат претседателските избори. Тендерот требало да заврши до почетокот на второто полугодие, но поради жалбите во тендерската постапка во која учествувале три фирми, тој период се оддолжил. Опшината, вели градоначалникот Георгиевски, во тој период немала известување за начинот на плаќање на училишното обезбедување за да биде протолкувано дека со општински пари се ловат гласови на изборното конто.

– Тендерот го спроведовме законски, но прашањата на опозицијата се хипотетички затоа што на 3 и на 4 април, како што тврдат тие, не сум кажал информација дека училишното оезбедување ќе се плаќа од буџетот на општината. Станува збор за спроведување на тендерска постапка за која се предвидени пари во буџетот многу порано – тврди градоначалникот Георгиевски.

За обезбедување на училиштата и градинките општината планирала да потроши 4 милиони денари.

Освен овој приговор, ВМРО-ДПМНЕ реагира до Аникорупциската комисија и со приговор, за в.д. градоначалникот на Ново Село, каде има и вонредни локални избори. Според опозицијата, градоначалникот дал согласност за вработувања на 10 работници, што е спротивно на двата закона – членот 8А од Изборниот и членот 34 од антикорупцискиот закон.

ВМРО-ДПМНЕ поднесе приговор и за Општина Штип за која тврди дека ги ангажирала пожарникарите да делат дрва на социјално загрозените лица од градот.

– Среде кампања донесена е противзаконска одлука за донација, која се гледа како поткуп на гласачи. Злоупотребени се и Општината, „Македонија пат“ и „Македонски шуми“, но и Противпожарната единица на Општина Штип. Оваа донација, можело да се спроведе пред распишување на изборите или по завршување на изборите – вели Стоилковски.

ВМРО-ДПМНЕ до Антикорупциската комисија претходно поднесе приговори и за акумулацијата на функции, а партијата тврди дека станува збор за повеќе лица кои извршуваат неколку јавни овластувања. Дел од нив се во управни и надзорни одбори, додека извршуваат функции како државни секретари, директорски функции, општински советници, или пак други функции.

– Тоа според членот 77 е судир на интереси, за што ДКСК мора да реагира и да извести. Во случајот употребени се државни пари за исплата на долг на приватни фирми – значи не станува збор за субвенции или за тековни исплати. Ова е класично кршење на членот 8-А од Изборниот законик и членот 34 од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси. Класичен случај на поткуп на земјоделци- велат во партијата која поднесе приговор и за Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството која среде кампања информира дека исплатила 77 милиони денари, (над 1 милион и 250 илјади евра), на повеќе од 2.000 лозари.

Во Антикорупциската комисија велат дека на својата редовна седница в среда ќе ги разгледаат приговорите на опозициската партија и ќе утврдат дали има прекршувања на законите среде избори или тие се неосновани и во корист на вжештената политичка реторика.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Измамник од брачен пар извлекол 200 евра за огревни дрва

saso user

Апостолакис: Наш стратешки интерес е продлабочување на односите со Северна Македонија

saso user

Кирацовски: Анкетите покажуваат двојна победа, на Стево и Константин Георгиевски, одиме заедно напред!

saso user