Број на текстови објавени денес: 111
Бизнис

Заев до германските инвеститори: Секоја ваша критика е аларм да ги отстраниме слабостите

Претседателот на Владата Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев денеска одржаа средба со делегација на Германското стопанство, како и со претставници на германски компании кои работат во земјава. На средбата присуствуваа и министерот за здравство Венко Филипче, како и директорите на Агенцијата за катастар и недвижности и на Фондот за здравствено осигурување, Борис Тунџев и Ден Дончев, соопшти владината прес-служба.

Истакнувајќи дека Сојузна Република Германија е стратешки економски партнер на земјава, на средбата премиерот Заев посочи дека во земјата успешно функционираат околу 200 компании со германски капитал, што вработуваат над 20 илјади лица.

-Тука сме денеска за да ја почувствувате нашата свесност за вашиот придонес во македонската економија. Сметајте на нас, на мене лично и на вицепремиерот Анѓушев. Секоја ваша критика е аларм да ги отстраниме слабостите. Верувам дека во нашата држава се повеќе ќе ги вградуваме европските стандарди и механизми – потенцираше премиерот Заев на средбата.

Тој подвлече дека извозот од Северна Македонија кон Германија бележи раст од 17 отсто и е речиси тројно повисок од увозот, како и дека земјава прави напори тој уште повеќе да расте.

-Токму заради тоа напорно и посветено работиме да ја продлабочиме веќе воспоставената одлична соработка. И не само тоа – искрено сме насочени таа соработка уште повеќе квалитативно да ја подобриме. Потенцијалот за соработка е огромен. Ние сме отворени за влез на нови германски компании на македонскиот пазар – заклучи Заев.

На состанокот, што инаку беше четврт, редовен квартален состанок, Анѓушев посочи дека како и досега, и натаму Владата ќе биде респонсивна за барањата на компаниите.

-Тука сме за заедно да ги надминуваме предизвиците со кои се соочувате и навистина правиме се што е во наша можност. Верувам дека преку честата комуникација со стопанството, што ја правиме, полесно и поефикасно ги надминуваме предизвиците со кои се соочуваат компаниите – додаде вицепремиерот Анѓушев.

Претставниците на компаниите со германски капитал ги посочија најкрупните предизвици со кои се соочуваат при нивното работење. За дел од нив, проблем е недостигот на квалификуван кадар во определени струки, за други заштитата на животната средина.

Претставниците на компаниите со германски капитал во земјава, како и претседателот на делегацијата на Германското стопанство во земјава, Патрик Мартенс ја поздравија отвореноста на Владата за честите заеднички средби.

– Очекуваме државата да работи уште понапорно за да ги подобри условите и Република Северна Македонија да биде уште поатрактивна земја за инвестирање. Ние ги охрабруваме и другите компании да инвестираат тука, бидејќи сакаме и натаму да ја развиваме оваа земја – заклучи претседателот на делегацијата на Германското стопанство во земјава Патрик Мартенс.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Продолжен рокот за корекција на даночните пријави

saso user

Со кредит од 26,2 милиони евра ќе се подобрува транспортот и трговијата

saso user

Шаклев: Во рестораните најмногу се користи замрзнато месо, а се продава како да е свежо

saso user