Број на текстови објавени денес: 0
Бизнис

Анѓушев: Учиме од грешките парите ги распределуваме рамномерно

Владата и Министерството за локална самоуправа работат на воспоставување на систем што ќе обезбеди транспаретно и рационално користење на буџетските средства за развој на планските региони, истакна денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на средбата со градоначалниците од Скопскиот плански регион.

Додаде дека треба да учиме од направените грешки и средствата да не се насочуваат во непродуктивни и неефикасни проекти како што е проектот „Скопје 2014“.

– Сите сме свесни колку средства се потрошени за реализација на овој мегаломански проект, а колку бенефит имаат граѓаните од тоа. Доколку тие средства беа насочени кон реалните потреби на граѓаните во Скопскиот плански регион и низ земјата, сигурен сум дека ќе беа надминати многу проблеми на локално ниво, кои ги засегаат граѓаните – рече Анѓушев.

За новото системско решение, Анѓушев рече дека со него ќе има подобар увид во планирањето, распределбата и реализацијата на буџетските средства и ќе се овозможи подобро планирање на финансиите во насока на рамномерен регионален развој.

– Целта е разликите во развојот меѓу и во рамки на планските региони да се намалат, а како резултат на тоа, граѓаните, особено оние од помалку развиените региони во земјата, да имаат подобри услови за живеење – рече Анѓушев.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, кој исто така присуствуваше на седницата, посочи дека во мандатот на оваа Влада средствата за поттикнување рамномерен регионален развој се зголемуваат секоја година.

– Во 2019 година тие се двојно зголемени во однос на буџетската 2017 и изнесуваат 423.500.000 денари или седум милиони евра. Ако се земе предвид издвојувањето и преку програмите на другите министерства, сигурно вкупните средства се и над законските еден процент, но e неопходно сите средства да се распределуваат согласно степенот на развиеност на планските региони, како што сега тоа го прави Министерството за локална самоуправа, за да може да се влијае на намалувањето на се уште големите развојни разлики меѓу планските региони – рече Фазлиу.

Очекувањата на градоначалниците се преку соодветни системски решенија да се децентрализира утврдувањето на приоритетите и распределбата на средствата за изградба на капитални јавни објекти, како што се училишта, детски градинки, локални патишта, прочистителни станици, водоводи и канализации.

Беше нагласена и поддршката од швајцарската Влада преку имплементација на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој”, со кој се обезбедува координација и следење на алоцираните средства од различните министерства за развој на планските региони и се зајакнуваат капацитетите за инклузивен начин на утврдување на приоритетите во планските региони.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Тевдовски: Најмногу странски инвестиции лани во износ од 624 милиони евра

saso user

Васко Илиевски претседател на АСОМ: Законот за игри на среќа ќе остави без работа околу 7.000 луѓе

saso user

Бахами, Бермуди, Хонг Конг, Кајмански Острови, Панама се бришат од списокот на даночни раеви?

saso user