Број на текстови објавени денес: 132
Бизнис

Не се знае точната бројка на повреди при работа ги собираат две институции, ама различно бројат

Македонското законодавство од областа на безбедноста и здравјето при работа е усогласено со европското, но она што недостига е креирање на единствен систем за собирање на податоците за случени повреди и несреќи на работа и подобрување на законската регулатива, препорачува тим на експерти кои работеа на изработка на Национална студија за безбедност и здравје при работа.

Моментално, Државниот инспекторат за труд и Институтот за јавно здравје, кои се двете официјални институции во државата кои водат евиденција за повредите и несреќите на работа, располагаат со различни податоци.

– Нема да кажам дека овие две институции затајуваат со собирањето на податоците, но она што е уште пофрапантно е разликата на податоците кои ги добиваме од едната и другата институција. Она што е неминовно е креирање на единствен систем за собирање на податоци за несреќи и повреди при работа – истакна авторот Трајче Велковски на денешната промоција на студијата.

Во државата, како што беше посочено, има компании кои системот за безбедност и здравје при работа не само што го имаат имплементирано, туку го имаат подигнато на едно повисоко ниво, но има и компании кои се уште имаат проблеми со имплементацијата.

– Жално е 700-те стручни лица за безбедност и здравје при работа да не бидат слушнати од страна на менаџерите на фирмите, туку само да бидат ставени во графата на задоволување на некое законско барање – рече претседателот на Македонското здружение за заштита при работа Милан Петковски.

Тимот експерти препорачува и да се провери листата сo 764 стручни лица за безбедност и здравје при работа и да се види колку од нив реално функционираат на пазарот на трудот и колку ги применуваат стручните познавања од оваа област.

За подобрување на оваа област се препорачува во компаниите да се формираат одбори за заштита и безбедност при работа како што е случајот со Хрватска каде секој работодавач кој има над 50 вработени треба да формира ваков одбор.

Законот за безбедност и здравје при работа е донесен во 2007 година и е допрецизиран со околу 30 правилници.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

МТСП: За вработување и отворање бизниси годинава се предвидени 1,1 милијарда денари

ohrid_user

Заев – Дејвидсе: Фокусирани сме на придобивките за граѓаните и зајакнување на економијата

saso user

Вкупно 19 отсто од фирмите лани се спасиле од инспекторите

saso user