Број на текстови објавени денес: 64
Спорт

Дефокусираниот Брестовац загуби во Ниш

Во сенка на најавениот избор на нов селектор на македонската ракометна репрезентација, се одиграа дел од натпреварите од последното коло во регионалната СЕХА-лига.

Данило Брестовац не успеа да победи на гостувањето во Ниш, каде неговиот Металург беше поразен од Железничар со 27:25, а по средбата тој порача дека во подготовките за овој натпревар го дефокусирале објавените информации по медиумите, дека тој ќе биде новиот селектор на машката селекција.

– Се појави информацијата дека јас ќе бидам нов селектор на Македонија. Се што можам да кажам во моментов е дека јас конкурирав, но се уште немам добиено конкретен одговор. Тоа ме дефокусираше на овој натпревар, сите написи и пораки што ги добивав – изјави Брестовац.

Според објавените шпекулации, Брестовац е првиот избор на водечките луѓе од Ракометната федераџија на Македонија (РФМ), кои би сакале да му понудат професионален договор. Но, голема пречка во плановите на РФМ е важечкиот договор што тој го има со тимот на Металург и кој би можел да се раскине само доколку со тоа се сложат и претставниците на тимот од Автокоманда.

Што се однесува до самиот меч одигран во Ниш, македонскиот стратег порача дека е незадоволен од нивото на дисциплина што неговите ракометари го демонстрирале во нападот.

– Малку сум нервозен, бидејќи постои недисциплина во нашата игра, мораме да бидеме на ниво кога е најважно, да не се промашуваат клучни шанси, нешто што може да ни се одмазди на жешки терени како оној во Битола во плејофот. Пивотите одиграа стандардно лошо, во играта ни недостигаше Шпенде, загрижен сум во пресрет на плејофот, но верувам дека имаме време да ги корегираме пропустите – додаде Брестовац.

Поранешниот селектор на македонската репрезентација, а во моментов предводник на Железничар, Веселин Вујовиќ, исто така не беше до крај задоволен од своите играчи, но меѓу другото тој даде и мошне интересен рецепт за подобрувањето на состојбите во македонскиот ракомет.

– Денеска имавме осцилации во играта, но сметам дека на крајот заслужено стигнавме до победата. Иако порано бев тренер на Вардар, искрено му посакувам на Металург уште повеќе да напредува во периодот што следи. Јас му посакувам се најдобро на македонскиот ракомет, а за квалитетен мак-ракомет неопходни се силен Металург, како и силен Пелистер – изјави популарниот Вујо.

Димитриоски и Танкоски со по четири гола беа најефикасни кај „металурзите“, Дупјачанец имаше 11 успешни интервенции, додека кај Железничар најдобар поединец беше Вејин со шест погодоци.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Македонија загуби, среќниот гол го даде Пјонтек

saso user

За Вардар ќе брани Летонецот Кугис Артурс

saso user

Серена плачеше по мечот со 19-годишната Канаѓанка, Андреску ја тешеше (ВИДЕО)

saso user